* За случајот со Хелен Мирен, види ја статијата „Патници во автобус, соберете колената!“
РТ неодамна објави видео компилација со една девојка активист (тоа се оние профили кои подоцна стануваат шефови на кабинети) на која ете преку глава и дошле мачо типови кои во метро седат расчепатени па решава да ги разлади со шише вода и варикина (да им ги сјебе панталоните).
Видеото е очигледно фејк и вакви инсценирани реакции сме виделе многупати, и на телевизија и особено на интернет. Но, кога такво видевце кое е банален мамец за кликови ќе го објават озлогласените Руси, тогаш поентата и мотивот мора да биде подлабок и просто, гео-стратешки.
Еден сајт кој се вика „EU vs Disinfo“ тврди дека главна цел на видеото е - да испровоцира судар на екстремни погледи. Демек да се конфронтираат екстремни фемиистички и екстремно анти-феминистички ставови. Затоа што на Русите им одговара да има тензијашење по секоја цена.
Во овој случај не можело да се искористи она алиби кое беше употребено за Стар Ворс (види: „Русите се криви и за Стар Ворс“) по кое главна цел на платените руски тролови е да ја портретираат Америка како дисфункционално општество. Зошто не можело? Затоа што на видеото видено од речиси 7 милиони луѓе, јасно е означено дека се работи за метро во Санк Петерсбург, што значи Русија, што значи човек може да заклучи дека будали (дал девојката, дал измокрените, сеедно) има секаде.
Но, тоа не му пречи на сајтот да инсистира токму на таа поента, дека и вакво видео е дел од монструозната пропаганда на Кремљ. Па го поврзуваат тоа со американската претседателска кампања, па спомнуваат руски тв водители кои се намерачени на #МеТоо, со што се составува фино пропагандно комплетче за ликот и делото на лошите Руси.
Притоа забораваат дека медиумската глад за внимание можеби најпрецизно ја дефинираше Тед Тарнер кој откако го купи CNN па го прашаа што ќе биде неговиот прв чекор, одговори:
„Ќе купам некој напуштен хотел па кога ќе намаме вести, ќе го запалам за да имаме што да известуваме“.
Ваков бескрупулозен пазарно ориентиран поглед не им е дозволен на Русите. Ним им е дадена друга ролја. Тие просто мора да се пропаганда, нема друго.