
Со децении Израел го третираше турско-грчкиот конфликт како далечно прашање, но сега мора јасно да признае: Северен Кипар не е само проблем за кипарските Грци - тој е и израелски проблем, пишува израелскиот воен коментатор Шеј Гал, кој дури нуди и план како да бидат протерани турските сили од островот.
Гал не е маргинален екстремистички коментатор. Тој бил на високи советнички улоги за министри во израелската влада, фокусирајќи се на „управување со кризи, формулирање политики и стратешко влијание“.
Повикувајќи се на протечени разузнавачки документи, кои не ги наведува, Гал објаснува дека турскиот дел од Кипар всушност функционира како меѓународна ничија земја што „им овозможува неограничена оперативна слобода на Анкара и на терористичките групи како Хамас и иранските Кудс“.
Турција, според него, во Северен Кипар распоредила разни видови оружја, во чиј дострел се израелските гасни платформи, бродови и стратегиски локации - вооружени беспилотни летала Бајрактар ТБ2, напредни дронови Акинџи и противбродски ракети АТМАКА. Во базите во Киринеја и Фамагуста наводно се планира да бидат распоредени и балистички проектили Тајфун со дострел од 560 километри, со кои Турција може да ги гаѓа Ерусалим, Тел Авив и заливот Хаифа.
Но, како уште поголема закана Гал ја истакнува улогата на Северен Кипар како центар за финансирање и перење пари на терористички групи. Тој истакнува дека при израелски операции во Газа биле откриени документи дека Хамас планирал да воспостави оперативни гранки во Турција и во Северен Кипар за напади врз Израелци во Европа. Слични планови имала и иранската единица Кудс.
Не е улога или желба на Израел да го ослободи Северен Кипар. Меѓутоа, ако заканата од областа достигне критичен праг, мора да ја промени стратешката позиција. Израел, во координација со Грција и Кипар, мора да подготви операција за ослободување на северот, коментира Гал.
Операцијата, на која Гал веќе ѝ дава име „Гневот на Посејдон“, би ги блокирала противвоздушните системи и турските засилувања од копното, би ги уништила разузнавачките и командните центри и целосно би ги отстранила турските сили од Кипар.