Видео платформата му нуди на Роган да ги собере сите, сите, стари епизоди на подкастот и да ги префрли кај нив, плус да продолжи да го објавува својот подкаст на Рамбл.
Сумата што за ова ја нуди ЦЕО-то Крис Павловски, е 100 милиони долари за следни 4 години. Сумата за која Роган потпиша со Спотифај, се шпекулира дека е 100 милиони долари за 10 години.
„Драг Џо, стоиме со тебе, твоите гости и твојата легија на фанови во желбата за вистински разговор...
Што викаш да ги префрлиш сите твои содржини на Рамбл, и стари и нови, без никаква цензура, за 100 милиони долари во следните 4 години?
Ова е нашата шанса да го спасиме светот. И да, ова е тотално легитимна понуда,“ пишува Павловски во пораката до Роган.
Пред Спотифај, Роган со години беше на Јутјуб од каде превентивно се пресели за да не му се случуваат проблеми со цензура, бришење содржини или бришење на целиот канал.
Иако е значително помал од Јутјуб по содржина, гледаност и приходи, Рамбл има неколку сериозни финансиери, меѓу кои и Питер Тиел, кои без проблем имаат капацитет да ја покријат понудата до Роган.
Инаку, Павловски е канадски претприемач со македонско потекло, кој по повеќе години работа во ИТ индустријата ја основа видео платформата Рамбл, како платформа без цензура и со слобода на изразување. Освен Рамбл, Павловски е партнер и ко-основач и на софтверската компанија Космик девелопмент, со која е присутен во Македонија.