Сторијата целосно го опседна вниманието на мексиканската нација која деновиве се обидува да се соземе од катастрофалниот земјотрес во кој загинаа (засега) 274 лица: спасувачки екипи деноноќно работат на спасување на 12 годишната Фрида Софија која со некакво чудо го преживеала земјотресот но останала заробена под урнатините на нејзиното училиште.
Популарните мексикански ТВ канали неуморно пренесуваа што најново се случува со таа животна драма, опишувајќи како спасувачите сантиметар по сантиметар се приближуваат до местото во кое малата Фрида Софија е жива закопана.
Имале и изјави од спасувачи дека ја виделе како мрда со прстињата, дека се наоѓа под гранитна табла и слични конкретни детали.
Сè додека не се откри дека не постои никаква ученичка Фрида Софија и дека нема никакво девојче кое е заробено под урнатините на тоа училиште.
Шокот се претвори во гнев, и кон властите и службените лица но и кон медиумите на кои оваа драма им беше носечка приказна во медиумското покривање на случувањата после земјотресот.
Некои од тв водителите изјавија дека се чувствуваат изиграни од разните официјални инстанци.
„Федералните власти постојано ни повторуваа дека постои девојче и дека се прават натчовечки напори тоа да се спаси. Одеднаш ја сменија приказната. Одвратно“, твитна еден тв водител.
Но, на тамошните медиуми не им е првпат да прават ваква невкусна ТВ сапуница. После катастрофалниот земјотрес кој го погоди Мексико сити во 1985 година, со денови главен јунак во вестите бил 9 годишниот Мончито кого сите се обидуваа да го спасат, сè додека не беше откриено дека и тој не постои.
Кај нас беше слично после оној ужас во Стајковци. Кај нас не се персонализираат потенцијалните жртви како ова со Мексиканците и Фрида Софија. Само затоа што конкретни луѓе кај нас никого вистински не го занимаат. Ама затоа руљата сака мрсни бројки па по треш медиуми и социјалните мрежи се шпекулираше дека официјалните бројки на настраданите се лажирани и дека под калиштата има закопано најмалку 50, 100, 150... луѓе! Ама некои од властите оделе по фамилии и им давале пари на луѓето за да молчат. И замислете ја таа огавна ситуација која тие, огавните, ја замислуваат без проблем: ти си мајка, брат, тетка, вујко, што и да е, на дете настрадано во поплавата. Ти доаѓаат и ти даваат пари за да ќутиш. И ти стварно ќутиш.
Ете, таква мизерија има под урнатините на овдешната јавност.