Пиратите на Мурдок

Најновиот криминал за кој е обвинет Њуз корп. е дека компанијата плаќала за пробивање на заштитата на картичките на конкурентските сателитски канали.

Во последното издание на Панорама на БиБиСи, се објаснува како компанијата NDS во сопственост на Њуз Корп. ја пробивала заштитата и ги дистрибуирала кодовите од картиците на ривалската ITV Digital, која заради огромни загуби затвори во 2002-ра.

Следниот ден, весникот Индепендент објави детално обвинение како италијански хакер кој ја пробивал заштитата на конкурентските сателитски канали во Италија бил исплаќан од Њуз корп. Според документите Италијанецот Пасквале Киаца, во периодот од 2003-та и 2004-та, добивал речиси 12.000 фунти месечно од Њуз корп. преку нивната компанија Њуз интернешнл.

NDS произведува сет-топ боксови, кодови за енкрипција и картички на кои се базира "условниот пристап" кај платените сателитски канали. Компанијата доминира во оваа индустрија, освојувајќи 75% од пазарот. Минатата недела Њуз корп. му ја продаде NDS на Циско системи за 5 милијарди долари.

Според новинарот Нил Ченовет, кој речиси четири години ја истражува темата, ова обвинение има потенцијал да ја засени целата досегашна сага на Њуз корп.

"Проблемот со хакирањето на телефоните може да предизвика штета од неколку стотици милиони долари. Но проблемот со картичките до сега предизвика пет различни тужби против Њуз корп. вредни милијарди долари. По моја проценка ова е 50 пати поголема работа од хакирањето на телефоните," тврди Нил Ченовет.

 

29 март 2012 - 15:19