Кога нема вести, нека има фантазија

Во август на ниво на свет обично нема вести за пишување и тоа најмногу од причина затоа што е август. Во ваква немаштија, француските новинари решија да се префрлат на нешто уште подобро - измислување вести.

Иако конкретно немаше некој "кромид" што го објавија, добар дел од вестите имаа безначајна врска со реалноста. Па така вестите беа за просветителскиот филозоф Волтер, за Луј 14-ти, како и повеќе "интервјуа" со одамна мртви композитори.

Меѓу вестите Либерасион имаше и серија од 40 текстови со историска фантастика од типот: што ако нафтеното ембарго од 1973-та траеше подолго, што ако Жан-Мари Ле Пен станеше премиер или што ако Y2K багот навистина се случеше.

Фигаро имаше серија од 17 текстови со политичка фантастика, во која го имаше сегашниот социјалистички претседател Франсоа Оланд, како сред ноќ ја посетува гробницата на поранешниот социјалистички претседател Франсоа Митеран, придружен од поранешниот конзервативен претседател Жак Ширак.

"Г-дин Оланд, во оваа приказна, му објаснува на г-дин Ширак дека тој е охрабрен од духот на г-дин Митеран да го распушти парламентот, што ќе предизвика нови законодавни избори. По ова настанува политички неред," пренесува Њујорк Тајмс дел од летните вести во Франција.

Неделникот Фигаро ги имаше "интервјуата" на музички новинар со мртвите композитори: Шопен, Росини, Вагнер и Офенбах.

Едно од објаснувањата е за ваквата релаксираност на редакциите е дека кон крајот на јули речиси цела Франција оди на 5-неделен годишен одмор, а освен ова уредниците чувствуваат дека оние кои купуваат весници летно време не сакаат да читаат за премногу сериозни теми.

"Ние немаме народен печат во Франција. Овие весници се наменети кон луѓе кои јасно се дел од повисоката класа и социјално-професионална категорија. Има одредено чувство дека си во клуб со рамни на себе, па ајде да зборуваме за убави нешто, како клуб на луѓе кои го сакаат Просветителството," објаснува медиумскиот критичар и професор по новинарство во Париз, Ерван Гаучер.

Ерик Лоре од Либерасион објаснува дека во Франција, барем од добро образованите луѓе, се очекува да знаат дел од поезијата на Виктор Иго, малку од Волтер и комбинација од дела на останати литературни и филозофски ликови. Бидејќи новинарите имаат позадина слична како и нивните читатели, овие теми некако природно им доаѓаат да ги пишуваат.

29 август 2013 - 22:38