"Неговото предупредување е посебно застрашувачко денес, кога интегритетот на медиумите е поважен од кога било. За жал, во изминатите 20 месеци менаџментот на Сиенен ги разочара своите гледачи и новинарите со тоа што ги стави на страна вистинските проблеми и вистинското известување во корист на експерти, прогнози и забавни ТВ 'моменти' без содржина," пишува Џесика Јелин во Њујорк тајмс.
И покрај лошото искуство што го има со Сиенен во месеците пред и по изборите во САД, Јелин верува дека има спас за телевизијата, а тоа според нејзе е при спојувањето на Тајм Ворнер и АТ&Т, телевизијата да биде продадена на сосема трета ентитет.
Остатокот од нејзиниот план за Сиенен е телевизијата да стане нешто како јавен сервис, ама за разлика од постојните, таа не би била финансирана од државни пари, туку од "конзорциум на загрижени Американци - филантропи, фондации, мали донатори".
Таа прави паралела меѓу Сиенен што го покрива Тиенанмен, Берлинскиот ѕид, експлозијата на нафтената платформа во мексиканскиот залив и ураганот Катрина, и Сиенен што ги покрива последните претседателски избори во САД.
"Иако Сиенен има голем број способни новинари за објавување на вестите и за разговори со гласачите во заедниците низ целата земја, неговите програми беа доминирани од експерти во Вашингтон и Њујорк кои се караат околу твитови и анкети.
... Вредноста на она што го кажуваат експертите на Сиенен често пати е сомнителна, што го покажа панелот од минатата сабота, кој во еден момент се состоеше од една жена и осум мажи кои дискутираат за Женскиот марш.
Меѓутоа од перспектива на Сиенен, експертските панели нудат неколку бенефити. За почеток, не се скапи. Известувањето од терен бара скапи екипи, сателитски комбиња и патување. Со многу помалку напор, директорите на телевизијата можат да презентираат поларизирана дебата со многу драма кој го постигнува плафонот во гневот на гледачите и во краткорочните рејтинзи," пишува Јелин.
Ако се точни информациите од внатрешни извори од Сиенен, ова финансиски е крајно успешно за телевизијата која во 2016 има бруто профит од над 1 милијарда долари, што е барем 100 милиони долари повеќе отколку што предвидувале.
"Иако Сиенен ги погоди своите бројки, ја утнаа приказната. По изборите, медиумскиот критичар на Сиенен, Брајан Стелер, со право и кажа на публиката 'за некои од вас што сега нè гледаат е многу тешко да му веруваат на овој канал.' И покрај ова првиот човек на Тајм Ворнер ја прогласи 2016 за 'убиствена година' за Сиенен," објаснува Јелин.
Тоа што АТ&Т ќе потроши 85 милијарди долари за да го купи Тајм Ворнер, никако не дава надеж дека ќе се намали притисокот телевизијата да го максимизира својот профит.
"Во моите 15 години како телевизиски новинар, од кои седум во Сиенен, речиси секој пат кога ќе посетев салата за новинари, или канцеларија на Капитол хил или некој функционер во Белата куќа, на телевизија беше пуштен Сиенен. Ова се нема сменето. Мрежата се уште има преголемо влијание на светот на политиката и медиумите, што веројатно беше една од причините зошто претседателот Трамп го истакна Сиенен во својот напад на медиумите.
Благодарејќи на иновативната технологија на Сиенен, искусните новинари и глобалниот досег, тој може повторно да биде еден од телевизиските брендови во кои најмногу се верува. Меѓутоа само ако годините кои доаѓаат се поинакви од минатите," порачува Јелин.