Кога нацистите ја освојуваат власта во Германија во 1933 година, еден од нивните приоритети бил да го постројат не само домашниот туку и странскиот печат. Веќе следната година е забранет Гардијан а за некоја година и поголеми куќи од Гардијан (како Keystone и Wide World Photos) мораат да ги затворат своите бироа во Германија затоа што вработувале Евреи.
Асошиетед прес која самата се опишуваше како "Маринците на новинарството", остана единствена западна новинска агенција која работи во хитлерова Германија и тоа трае сè додека САД не се вклучуваат во војната во 1941.
Како што неодамна покажа историчарката Хариер Шарнберг, тоа е овозможено со договор од кој корист имале двете страни. АП добива ексклузивитет и станува примарен канал за информации од таа земја но притоа "си ја продава душата' потпишувајќи го тн. Schriftleitergesetz (уреднички закон), по кој се обврзува да не објавува никаков материјал кој има за цел "да го ослаби Рајхот дома и во странство".
Според истиот документ, АП треба да вработува репортери кои истовремено работат за партиската наци пропаганда. Еден од четирите нивни фотографи бил Франц Рот кој работел за парамилитарната СС пропагандна дивизија и чии фотографии лично ги одбирал Хитлер. По обелоденувањето на академската студија на Шарнберг, АП ги отстрани неговите фотографии од веб сајтот но тамбови од нив уште можат да се видат.
Истовремено АП на нацистите им ја нуди на располагање и својата богата фото архива која е искористена за некои од најпродаваните наци публикации како што е СС брошурата "Der Untermensch" ("Под-луѓе") или пак книжулето "Евреите во Америка" со фотографија од тогашниот градоначалник на Њујорк Фиорело Лагардија како лапа со прсти.
Непријатната историска епизода за Асошиетед прес се обелоденува во пресрет на 170 годишнината од новинската агенција која ќе се одбележува во мај годинава. Но, се чини дека историските лекции не се сосема научени.
Во јануари 2012, Асошиетед Прес станува првата западна агенција на која Северна Кореја ѝ дозволува да отвори биро на своја територија. АП повторно добива ексклузивитет за ретките и лукративни фото и други материјали од таа затворена земја. Но, во меѓувреме истата агенција не напиша ништо за 6 неделното исчезнување на Ким Јонг-ун од јавноста во 2014, го пропушти хакирањето на Сони зад кое најверојатно стоеја државните хакери на Пјонгјанг и не јави за масовното гладување во провинцијата Хвангае.
Годинава во Северна Кореја свое биро отвори и Франс прес.