Тие најмногу очекуваат пропаганда поврзана со мигранти (ова ќе ви прават, она ќе ви прават, ќе ве поништат и слично), која според владата и до сега доаѓа од извори поврзани со Кремљ.
Иако немаат цврсти докази, владините претставници се уверени дека Кремљ стои зад околу 40 сајта на чешки јазик што пласираат радикални гледишта, заговори и неточни вести.
„Главната цел на руската пропаганда во Чешка е да се посее сомнеж во умот на народот дека демократијата е најдобар систем за водење земја, да се создаде негативна слика за ЕУ и за НАТО, и да се обесхрабрат луѓето од учество во демократскиот процес“, изјавил секретарот на чешката влада за европски прашања, Томаш Пруза.
Центарот против тероризам и хибридни закани ќе биде отворен на 1 јануари и ќе има 20 вработени експерти. Тие ќе ги следат вестите барајќи дезинформации и ќе се обидат да ги дискредитираат преку посебна твитер-сметка, и на посебен дел од сајтот на Министерството за внатрешни работи. Центарот исто така ќе врши обука на јавни службеници како да избегнат уценување и странско лобирање.
Главниот сомнеж за ширењето лажни вести паѓа на 45-илјадната руска заедница во Чешка и сеприсутната руска амбасада во Прага. Според чешкото контраразузнавање, БИС, руските активности во земјата се насочени кон „фабрикување дезинформации“ и промовирање на мотото „сите лажат“. На БИС посебно им пречи бројот на руските дипломати во Чешка, кој се проценува на меѓу 130 и 150 луѓе, што е два пати повеќе од бројот на американските дипломати.