Затворањето ќе биде дел од поголемо отпуштање на вработени во Базфид, кое на ниво на компанијата ќе изнесува околу 15% од вкупната работна сили или 180 вработени.
„Иако отпуштањата ќе бидат низ речиси секоја дивизија, ние одлучивме дека компанијата повеќе не може да продолжи да го финансира Базфид њуз како засебна организација,“ порачал ЦЕО-то, Џона Перети во меморандумот до вработените.
Перети порачал дека дел од отпуштените новинари ќе можат да бидат прераспределени во Хафингтон пост, новинскиот сајт кој Базфид го купи во 2020. Неговиот план е компанијата да се фокусира на Хафпост, како бренд кој е „профитабилен со лојална директна публика на насловната страна“.
Еден од ко-основачите на Базфид кој си замина од компанијата пред повеќе години, Бен Смит, објаснува дека затворањето на Базфид њуз јасно покажува дека е завршена поврзаноста меѓу растот на социјалните мрежи со оној на новинските медиуми, објаснувајќи го првичниот подем на Базфид со изненадниот раст на платформи како Фејсбук и Твитер пред една деценија.
Инаку Перети признава дека дел од вината паѓа на него како ЦЕО бидејќи претерано инвестирал во Базфид њуз заради „љубовта кон нивната работа и мисија“.
„Заради ова бев спор да прифатам дека големите платформи не можат да обезбедуваат дистрибуција или финансиска поддршка потребна за поддржување на премиум, бесплатно новинарство наменски создадено за социјалните мрежи,“ напишал Перети.
На своја сметка Перети си препишува и тоа што не ја држел компанијата на повисоки стандарди за профитабилно работење „за да не дојде до денови како денешниот.“
Во јануари Базфид објави дека ќе користи вештачка интелигенција за создавање содржини на својот сајт.