Интервју за Офф.нет:

Тања Бошковиќ: Добрината ја прави жената убава

„Ах, Тања Бошковиќ“ гласеше некогаш консензуалната реакција на спомнувањето на нејзиното име. Денес е во пензија но глуми со полн здив, силна и самосвесна каква што отсекогаш била. Сјајот во нејзините очи кој некогаш доаѓаше од младоста, денес се раѓа во пронајдениот мир во душата. Горда е на своите деца, се грижи за родителите чија меѓусебна љубов никогаш не успеала да ја преслика во својот живот, пасионирано прати спорт и навива, готви, прави забави, пуши и... и одамна ѝ е јасно дека на луѓе секогаш ќе им биде полесно да воздивнуваат по некоја своја Тања Бошковиќ отколку да се свртат и вистински да сакаат некого покрај себе.

Кога Тања Бошковиќ на почетокот од својата кариера во средината на седумдесетите, се качувала по скалите на дубровничкиот Страдун, глумејќи ја Пина во филмот„Окупација во 26 слики“, нејзините колеги Франо Ласиќ и Милан Штрљиќ го губеле здивот. Замислете само што му се случувало на кутриот Мија Алексиќ при снимањето на „Човекот со четири нозе“, каде Даша цело време се шетала облечена само во пешкир за бришење раце, или пак на Драган Николиќ во „Балкан експрес“ кој бил принуден токму со Лили да го тамани фашистичкиот окупатор, играјќи го со неа „тангото на смртта“!? Без сомнение, првиот синоним кога ќе се спомене нејзиното име е - божица на еротиката во југословенската кинематографија.

Пишува и разговара: Ноне Абрашева Ноциќ

Ако случајно на харизматичната актерка и го споменете нејзиниот убиствен сексипил, таа ладнокрво ќе прокоментира дека конкретниот впечаток е тотално небитен за жена која има полни 65 години. И навистина, нејзините сфери на интерес во кариерат ѝ биле сосема поинакви од оние на ликовите кои ги глумела во младоста. Со оглед на младешкиот ентузијазам и искрените емоции кои се нејзин заштитен знак, ќе дознаете дека опсесивно гледа спорт. Буквално сè. Затоа што во младоста била и атлетичарка и ракометарка. Израсната со родители кои биле просветни работници, најмалку што требало да стане е докторка. Но, станала глумица. Една од најдобрите! Во нејзината четири и пол децениска кариера докажала дека може и знае да одигра антологиски улоги. Црвенокосата дама, на своето актерско патување ги добила сите можни признанија и награди и многу одамна, вели, ја задоволила дури и презаситила својата гладна суета. Некаде помеѓу театарот, сериите и филмовите, таа одгледала и две деца, од бракот со режисерот Душан Караклајиќ. После сиот минат труд, за себе сака да каже дека сега веќе ништо не мора, ама прави се што може.  

По долго години, минатата есен ја посетивте Македонија, за да ја примите наградата за високо актерско остварување на фестивалот на камерен театар Ристо Шишков. Ве радуваат ли наградите, признанијата...?

Вистина, многу години поминаа од мојата последна посета кога во Охрид ја игравме преставата „Троил и Кресида“ на Шекспир. Бев пријатно изненадена и многу возбудена кога слушнав дека награда добивам јас, меѓу педесетината мои колеги од 15-тина балкански театри. Возвишено е тоа што Струмица и овој фестивал го чуваат името на Ристо Шишков, и на ваков начин му оддаваат почит. Тој беше голем, прерано заминат актер, и човек кој се бореше за достоинството на нашата професија. Што се однесува до мене, откако видов кој сè бил лауреат, прво што помислив е дека јас тоа не го заслужувам.

Се чини дека сега, кога сте во пензија повеќе работите отколку кога бевте активни...

Вистина е. Тоа често се случува меѓу актерите. Додека сме во матичните ансамбли како редовно вработени, го правиме она што мораме. Театрите во Белград се големи, со многубројна актерска екипа и често се случува да не дојдете на ред. Освен тоа може да не сте омилени во колективот од различни причини. Често политички, може да не ве сака управувачката структура, а бидејќи јас имам прилично долг јазик, тешка сум и на себе и на другите, сите споменати работи се мултиплицираа. Што значи дека не ми беше лесно...

Но, сега вие ги бирате улогите, не тие Вас...

Заминувањето во пензија пред пет години за мене беше добро. Имав време за други театри, за други екипи, за нови дружења. На 31 декември заминав во пензија од Атеље 212, а веќе на четврти јануари ја добив улогата на Грета Гарбо во Мадленијанум театарот.  Тоа ми даде и радост и самодоверба со оглед дека работев со екипа која ми се допаѓаше. Потоа улогите само се редеа... Ја имав и таа среќа ролјите кои ги толкував и до тогаш да бидат долговечни. На пример „Љубовно писмо“ е на репертоарот веќе 24 години. „Солзите се ОК“ во Звездара ја играм од 1999 година. Новите улоги ме прават среќна. Со Рада Ѓуричин ја играм преставата „Примадони“, во режија на Инфар Менсур. Освен тоа, неодамна имавме премиера на „Моја ти“ каде играм со Светлана Бојковиќ, Горица Поповиќ, Софија Јуричан. Преставата е исклучителна, затоа што низ приказната за лезбејска љубов се откриваат односите во општеството, осаменоста, стравовите, тагата и надежта. 

Вас теаарот Ви е најголема љубов, без оглед на мноштвото филмски улоги. Дали сте задоволни со Вашата досегашна кариера, дали нешто би менувале кога би можеле?

Сосема е извесно дека театарот ми е во срцето. И не, не би менувала ништо. Сè си беше потаман, како што треба. Јас се научив да ги испитувам сопствените граници, да наоѓам нови предизвици... Можеби не работев секогаш со оние со кои сакав.

Со кого сакавте?

Не мислам јас на актерите. Нема со кого не сум играла и не играм. Сите глумци ги сакам и ги почитувам, ама тоа не можам да го кажам и за режисерите.

Зошто, што Ви згрешиле? Искрени сте и тоа јавно го кажувате. Некој од нив може и да ви се налути.

Баш ми е гајле.

Секогаш ли го кажувате она што го мислите?

Нормално. Основната работа која секој човек треба да ја научи е дека секогаш мора да го кажува она што го мисли, без оглед колку ќе го чини. Бидете сигурни дека мојата искреност низ животот многу ме чинеше.

Добро, сте работеле ли со добри режисери?

Со малкумина. Јас мислам дека тоа е една, по малку вештачка професија. Работев и со големи филмски режисери кои знаеја што прават и имаа визија за тоа што сакаат да го постигнат. Но, сосема е поинаков мојот впечаток за нив.... еве на пример кога работиме мјузикли. Како по правило овие престави ги работат режисери кои едноставно помалку знаат, помалку чувствуваат, помалку слушаат, помалку ги интересира овој жанр, а треба да диригираат со оркестар. Тогаш се јавуваат пречки, конфликти...   

Имавте прилика да работите надвор од границите на својата земја. Зошто не ја искористивте?

Затоа што не сакав. Живеев во САД една година кога работев со Душан Макавејев во филмот „Манифесто“. Имав понуди од Роман Полански, но тој не ми остави добар впечаток. За разлика, на пример, од Ив Монтан и Мишел Пиколи. Актерите поинаку гледаат на нештата и едни на други за разлика од режисерите. Од друга страна, како театарска глумица, сфатив дека се расте само со мајчиниот јазик, само со она што ти е блиско.

Што ви беше блиско, а што далечно во Америка?

На западната страна имате студенило кое мене ме збуни до таа мерка, што почнав да назадувам како човек. Се уплашив од таа рамнодушност, од суштинската незаинтересираност за другиот...Тоа ме порази, ме вознемири. Од друга страна тврдам дека на овие простори стасуваат исклучителни уметници. Луѓето овде, дома, длабоко и емотивно ги разбирам. Нивниот темперамент, разиграност, дури и нивните особини кои тешко ми паѓаат. Особини кои, признавам, се и мои. Блесави, аљкави, инаетливи, полулуди, полупаметни... Овој народ прима и дава со отворено срце, повеќе е духовит, отколку духовен, секогаш опседнат со слободата, веројатно затоа што никогаш доволно не ја освоил.

Имате ли впечаток дека поимите култура и уметност на овие простори се приближуваат до западната страна за која зборувате?

Не, не мислам така. Културата е поврзана со филозофија, со религија. Западот повеќе нуди забава, како сурогат за вистинската уметност. Не наоѓам добра, солидна инспирација на таа страна. Многу поблиску до суштинската уметност е истокот. Земете ја само руската литература од 19 век, германските класици, шпанските и португалската литература и драмските текстови. Токму литературата е појдовна основа за секоја уметност. Јас дури не го разбирам ни современото сликарство. Тоа за мене завршува кај Кандински. Но, сигурна сум дека и сликарството почнува од литературата, како идеја, како мисла, што во својот почеток сепак е збор.

Што ѝ недостасува на западната кинематографија?

Банализирана е во секоја смисла. На пример, бидејќи тутунската индустрија повеќе не ја финансира кинематографијата, во филмовите веќе никој не пуши, тоа е забрането, ама затоа сите се дрогираат до бескрај и назад. Тоа е дозволено. Во моментот кога уметноста е оставена да биде стока, кога е сведена на обичен купи – продај пазар, бидете сигурни дека е осудена на одумирање.  

Дали е банална и аферата Вајнстин, продуцирана деновиве во Холивуд?

Секој човек мора да се заштити самиот себе. Се солидаризирам со сите угнетени, злоставени, повредени луѓе, на било кој начин. Не мислам само на жените. Тоа што холивудските актерки застанаа една до друга го почитувам и го поздравувам. Но, мора да ставам ограда, бидејќи не знам која е, и каде е вистината.

Знам дека многу сакате поезија. Сте се обиделе ли некогаш да напишете нешто?

Не. Мислам дека Бог ми дал еден дар, талент, што сам по себе значи пријателство, сопатништво, заедништво, и мислам дека е арогантно и безочно да се мешам во работи кои не ми припаѓаат.

Многу пати сте кажале дека немате талент за одржување на љубовни врски. Зошто така мислите?

Затоа што тоа е вистината. Можеби на некого му изгледа дека сум имала безброј прилики, но не е така. Во мојата глава некаде, секогаш се мерат различните побуди поради кои некој би воздивнувал по мене. Мислам дека на многумина им е полесно да речат „уф колку ја посакувам Тања Бошковиќ“, отколку да се завртат и вистински да сакаат некого покрај себе.

Некако сум убедена дека многу ве сакале и дека имате по малку погрешна престава за себе.

Имам многу големо животно и човечко искуство и бидете сигурни дека она што се нуди како замена за вистинската љубов, никогаш не ме интересирало. Јас како и секој човек на овој свет имам свој, автентичен копнеж за љубов. Едноставно, врските кои ги имав, не ми беа достапни на оној начин на кој ги сакав. Убавината не е карта за среќа!

Што е за Вас љубов?

Јас како модел ја имам љубовта на моите родители кои се повеќе од 65 години во брак. И освен најчистата, нагрижливата, најнежната емоција, ништо друго не можев да прифатам. А, бидејќи партнер за такво нешто никогаш не стекнав, бев склона да заклучам дека сигурно постои некоја грешка во мене, но и во она што го препознавав како понуда за заедништво. Заедницата, ако не е апсолутна и потполна, е целосно бесмислена.

Има ли овој ваш став врска со вашите верски убедувања? Што гледате во религијата, а не го наоѓате на друго место?

Исусовата љубов ја наоѓам. Верата е мојата природна состојба, како што бунтот беше дел од мојата младост. Таму најдов сигурност и отвореност во апсолутна смисла. Знаете, јас во младоста многу лутав, талкав, многу не разбирав, иако сè ме интересираше. Сите искушенија ме привлекуваа. Сè пробував. Сето тоа е природно и складно со младоста. Ѝ приличи тоа на младоста. Но потоа, кога во христијанската вера го препознав она по кое копнеев, се смирив. Го отворам умот и срцето до крај и без остаток. Живеам љубов, потполна и бескрајна.

Имате природен однос и спрема стареењето. Што ја прави жената убава?

Добрината. Жените се убави само ако се добри. И не само жените. Сите луѓе! Надворешната допадливост ни најмалку не ме возбудува. Знам колку се нескладни младоста и мудроста, но со стареењето тие се урамнотежуваат. Можеш да ставаш силикони, да правиш операции, да одиш по салони, да купуваш креми и шампони до изнемоштеност. Само добрината може да биде совршена убавина.

Ви се допаѓа ли тоа што Вашата ќерка тргна по актерските патеки?

Мене најмногу ми се допаѓа кога децата ми се среќни. Глумата беше желба на Лана, како што политичките науки беа желба на Ѓорге. Многу сум горда на своите деца. Нивните избори се нивна одговорност, нивен живот. За мене нема поголема среќа од нивната.  

Што правите кога не сте во театарот? Што Ве исполнува, што Ве радува?

Сакам да патувам. Често одам во Херцег Нови каде имам стан. Го сакам тоа море, ведрината, сонцето, моите соседи, моите цвеќиња. Сакам да се грижам за моите родители, да се дружам со мојата сестра и нејзиното семејство. Сакам да гледам спорт и да навивам. Деновиве уживам во Олимписките игри. Јас сум ви и една од оние жени кои многу ги сакаат домашните обврски. Чистење прозори, пеглање, рибање, плетење... Сакам и да готвам. Сакам да примам гости и да правам забави.

Звучите како идеална балканска жена. Имате ли мани, пороци?

На списокот пороци деновиве се запишува сешто. Не сум склона на новата мода на дрогирање, мојата глава е луда и без дополнителни опијати и хемија. Фала многу, ќе се задржам на цигарите. Пушам! И нема никогаш да престанам! И мислам дека тоа не е порок, ниту е мана. Пушењето е моја слобода да воздивнувам колку сакам и да не објаснувам ништо. Не го сакам алкохолот, ама сакам колачи. Не знам дали се и колачите порок од кој треба да се откажам? А да, ги постам сите пости. Мојата дисциплина е железна и непрокосновена. Од друга страна, морам да имам некој вентил. Ако ми забраните да пушам јас станувам многу глупава, нервозна и непријатна. Пушењето ме усредсредува на сопствените мисли. Цигарите ми се тишина и концентрација. Мојот 88 годишен татко кој не е пушач, ми вели: Престани, ќе умреш од тие цигари. А јас му одговарам „Кој пуши ќе умре, кој не пуши, нема“. И потоа до солзи се смееме.

 

20 февруари 2018 - 22:21