Интервју за интервјуто:

Како се прави онакво интервју со Квинси Џонс?

Се разбира, најбитно е да имате некој како Квинси. Плус тој да е спремен да се отвори како него. Но интервју има и втора страна, онаа на новинарот кој го прави. А тој дел некаде не е онаков како што е овде обичај: „Ќе ти пратам прашања на Фејсбук а ти одбери слики кои ти се свиѓаат“. Муабет со Дејвид Марчезе, човекот кој го издејствува фасцинантното интервју кое и најмрзливите ги натера да читаат.

Њујорк Прес рум: Честитки за интервјуто со Квинси Џонс! Можеш да ни кажеш како се подготвуваше за него?

Дејвид Марчезе: Да, нормално. Подготовките беа исти како и за сите долги интервјуа кои ги правам. Читам за субјектот колку што можам повеќе. Ако тој или таа има мемоари, ги читам. Ако постои биографија, ја читам. Ако има повеќе биографии, ги читам сите. Потоа се враќам назад и читам постари интервјуа и фаќам белешки за оние работи за кои мислам дека не биле доволно објаснети или или пак чувствувам дека може да се добијат дополнителни информации.

Анегдотата на Квинси за “We Are the World” е добар пример. Ја има спомнато на неколку места ама нема навлезено во детали. И кога го прашав за тоа, ја извади интересната приказна за Синди Лопер.

Има уште еден цел втор дел од процесот, надвор од истражувањето, ама не знам дали сакаш да навлегувам во тоа.

И тоа како! Кажувај.

Океј. Значи, за време на истражувањето фаќам белешки и завршувам со околу 20 страни белешки. Сите нив ги кондензирам во прашања при што гледам да се и доволно широки и доволно конкретни. Широки затоа што не ме интересираат евтини одговори а конкретни за да бидат поврзани со некоја посебна идеја или настан. Кога ќе завршам со тоа, останувам со три до пет страници прашања. Ама мислам дека сега станувам пицајзла...

Не!

Дотогаш веќе ги има запаметено прашањата. А тоа е резултат на фактот дека тие 3 до 5 страници ги имам прочитано меѓу 25 и 35 пати. Додека ги читам, запишувам идеи во кој правец би можеле да тргнат можните одговори. Прашањата ги читам во метро, додека децата спијат....

Ги носиш ли со себе на интервјуто?

Ги носам, главно како патерица, за недајбоже. Целта ми е никогаш да не се потпрам на нив а најинтересно е кога разговорот ќе го смени планираниот курс. Но, и во таков случај, истражувањето и она што сум го пишувал ми помага да се снајдам и да се конектирам со темите. 

Кога сфати дека имаш шампионско интервју со Квинси?

Во првите 15 минути. На почеток ми беше страв дека е премногу расеан но сфатив дека сите места на кои забегува се интересни. 

Колку исфрли од интервјуто? Имаше доста материјал кој не влезе во финалниот изглед?

И тоа како! Исфрлив тони материјал. Просечен транскрипт на едно интервју е околу 15.000 зборови, од тоа се објавуваат само меѓу 4 и 6 илјади.

Се покажа многу спремен за некои опскурни референци кои ги нафрли Џонс. На пример со книгата која Колтрејн секогаш ја читал. Дали е тоа резултат на подготовките или пак на поседување енциклопедиско познавање на културата?

Та малку беше оптичка илузија.

Како тоа?

Има два дела во одговорот. Кога читаш за некого, откриваш дека тие често спомнуваат извесни луѓе или идеи па дознаваш и за нив. Како на пример кога ја интервјуирав Ерика Баду, за која знаев дека сака да реферира на Ирвинг Џанис, па ѝ го спомнав терминот „групно мислење“, идеја зад која стои Џанис. Ама, за тоа знам само затоа што таа го спомнувала ликот.

Другиот дел е дека јас сум фан на Колтрејн. Ја знаев книгата а и нејзиниот автор, Николас Слонимски, го имаше спомнато Сони Ролинс кога го интервјуирав пред некој месец, па сеќавањата ми беа свежи. А за себе можам да кажам дека ме бива да памтам културни баналности.

Ти започна како уредник на културна рубрика во Њујорк Магазин, па се префрли на пишување па на интервјуа. Дали интервјуирањето ѕвезди секогаш те интересирало или тоа е само среќна околност?

Не се замислувам себе како некој кој интервјуира ѕвезди. Не би сакал луѓето така да ме запамтат. Мене само ме интересираат разговори со интересни луѓе, нивните животи и работата која ја работат. Само што испаѓа дека добар дел од нив се популарни.

Со кого ти е неостварена желба?

Со Томас Пинчон.

На кои колеги кои прават интервјуа им се восхитуваш?

Има многу луѓе кои прават одлични интервјуа. Самиот Валчр има многу талентирани дечки за тоа. Можеби ќе звучи снобовски, ама интервјуата на Оријана Фалачи се фасцинантни.

 

12 февруари 2018 - 02:07