Аналитика: Што оваа пандемија зборува за нас и за ова време?
Јерговиќ: Не знам што зборува, ако воопшто нешто зборува. Можеби најмногу од сè дека сме пречувствителни. Ќе го повторам она што го реков на почетокот на пандемијата, молејќи ги епидемиолозите да ме демантираат ако грешам: да се појавеше ковид-19 пред 30-тина години, ќе останеше незабележан, и - иако веројатно малку побавно - исто ќе се раширеше по светот. Ќе умреа повеќе луѓе отколку што ќе умрат сега, но тоа никој немаше да го забележи, како што и денес не се забележуваат и не се бројат луѓето што умираат од глад или од некои неатрактивни болести на сиромаштијата, од колера, на пример. Да се појавеше пред 30 години, ковид-19 ќе беше третиран како некоја таинствена вироза од која гинат главно луѓе што и онака се болни, а кои по правило па уште се и стари.
Денес, меѓутоа, за него сè знаеме, пред него стравуваме и живееме во средновековни карантини, зад цврсто затворени општински, регионални и државни граници, а некаде богами има и полициски час.
Ве плаши ли на кој било начин ситуацијата во која се наоѓаме?
Се разбира дека ме плаши. Но и понатаму не ме плаши ковид-19, туку ме плашат реакциите на цивилизацијата и демократските општества на епидемијата. Освен што со години и децении ги игнорираа коронавирусите, прво САРС-1, па потоа и МЕРС-от, уверени дека занимавањето со коронавирусите е неисплатливо од позиција на капиталистичкиот, то ест фармацевтскиот профит, денес луѓе од Западот се одушевуваат со каква ефикасност против епидемијата се борат антидемократските и тоталитарни режими, не само оној во Кина, туку, да речеме, и во Виетнам.
Се разбира дека тоталитарните режими во тоа се поефикасни. Тоталитарните режими, всушност, во сè се поефикасни. Демократијата има смисла само ако ѝ служи на слободата и таа е единствената причина за демократијата. За сè друго, па и за епидемијата на ковид-19, како и за народното здравје воопшто, тоталитаризмот е подобар и поефикасен. Ме чуди што уште не се сетиле да замислат со каков успех Адолф Хитлер ќе се пресметаше со коронавирусот. Ако на Кинезите им требаа два месеца, тој со епидемијата би бил готов за месец дена. Ама, тоа причина ли е да почне да ни се бендисува Хитлер?
А ме плаши и уште нешто: докторите станаа херои, медицината стана критериум на целокупниот општествен живот, здравјето на нацијата е нешто за кое секојдневно се зборува како за темелен и единствен критериум за опстанокот на една заедница. Сето тоа, ама баш во влакно, постоеше како фетиш и во фашистичка Германија. Лекарите ја одредуваа мерката на граѓанската и општонародната слобода. Тие одредуваа колку е некој „болен“ и колку со својата „болест“ ја загрозува заедницата. Лекарите зборуваа за здравјето на нацијата и пропишуваа, заедно со Фирерот, што треба да се преземе за да се заштити и унапреди здравјето на нацијата. Разликата е само во тоа што во Третиот Рајх не постоеше вирусна епидемија.
Колку слобода се луѓето подготвени да жртвуваат за да се чувствуваат сигурно? Дали изборот пред кој се ставени - слобода или здравје - е лажна дилема?
Луѓето се однесуваат како избезумени магариња. Прифаќаат дека ништо не е повредно од здравјето. А тоа, повторно е, во најизворниот облик, тоталитаристичка, хитлеровска парола. Слободата е неспоредливо повредна од здравјето. Не постои причина слободата да се жртвува за здравјето, освен ако немаме желба да се претвориме во Кина, во комунистички Виетнам, во Орбанова Унгарија или во нешто што потсетува на Третиот Рајх.
Ќе продолжи ли злоупотребата на слободата и по завршувањето на пандемијата? Колку тешко ќе биде на властодршците да им се одземе моќта што ја стекнаа во овој период?
Не разбирам зошто некој би помислил дека Орбан, Вучиќ, Путин или некој претседател на месна заедница ќе се откаже од она што го стекнал за време на епидемијата. Всушност, кога е во прашање народното здравје, никогаш не можеме да бидеме доволно внимателни. Дури и ковид-19 сосема да исчезне, зарем уште сега немаме доволно причини да сме на штрек пред некој иден вирус? Слободата што властодршците еднаш ќе ви ја одземат, никогаш нема да ви биде вратена. Сметајте на тоа.
Едно е сигурно: нема да изумреме во оваа епидемија, а слободата, како и секогаш, ќе ја има онолку колку што ќе покажеме дека ја посакуваме. Ако здравјето ви е поважно од човечките права, тогаш најдобро е никогаш повеќе да не излезете од дома. На тој начин сигурно ќе останете здрави. Посебно ако со владетелот се договорите на кој начин, така неизлезени, ќе му пружите трајна поддршка. Верувам дека и тоа е изводливо. Имаме дигитални платформи....
* целото интервју за порталот Аналитика - тука