Европската комисија им даде на Берлин и Анкара до пролетва да се спогодат околу тоа кој ќе биде врховниот авторитет што ќе одлучува што го прави донерот да биде донер.
Она до каде двете страни се разбрани е дека се работи за јадење составено од месо набиено на шипка кое полека се пече на оган.
И од тука немаат мрднато еден чекор подалеку.
Анкара инсистира дека вистински донер може да биде направен само од пилешко и јагнешко месо или од крава која е стара најмалку 18 месеци, и кое е маринирано во јогурт и тревки. Плус, турската верзија се служи на чинија со помфрит и лути пиперки.
Наспроти ова германската варијанта е направена од телешко месо, спакувана во лепиња и надополнета со зелка.
Анкара во април се обиде да ја регистрира својата верзија како Гарантиран традиционален специјалитет (ТСГ), кој на донерот ќе му дадеше иста заштита во ЕУ како што го има францускиот шампањ, наполитанската пица и Серано шунката од Шпанија.
Гневна околу ова, Германија вложи жалба во јули годинава.
Доколку Брисел реши дека Анкара е во право, тогаш комплетната германска донер индустрија ќе треба или да затвори или да почне јадењето да го подготвува по турски рецепт или целосно да го смени името на производот што го продава.
Во Германија годишно се продаваат над 1 милијарда донери. Во земјата има над 20.000 киосци за донер, од кои 1.800 се во Берлин. Во ЕУ годишно се продава донер во вредност од 3,5 милијарди евра, од кои 2,3 милијарди се во Германија.
Главен противник на турското барање за заштита на донерот, е германскиот министер за земјоделие, Чем Уздемир, кој е со турско потекло. Тој има поддршка и од Германското здружение на донерџии.