
Месо, млечни производи и шеќер создадени во лабораторија би можеле веќе за две години да бидат на продажба како храна за Британците.
Агенцијата за стандардизирање на храна (ФСА) го забрзува процесот на одобрување за храна создадена со култивирање животински клетки во мали хемиски фабрики.
Технологијата е напредна. Во февруари во Британија беше одобрена продажба на храна за кучиња што содржи месо направено во лабораторија.
Сингапур во 2020 година стана првата земја во светот што одобри продажба на месо култивирано од клетки за човечка исхрана. Во 2023 година таква храна може да се купи во САД, а од лани и во Израел. Италија и американските сојузни држави Алабама и Флорида, сепак, воведоа забрани.
Професорот Робин Меј, главен научник во ФСА, тврди дека нема да има компромис за безбедноста на потрошувачите.
Тесно соработуваме со компании и академски групи за да изработиме регулаторна структура што гарантира максимална безбедност на овие производи, изјави Меј за ББЦ.
За лабораториска храна се користат животински или растителни клетки што се култивираат во ткива. Процесот опфаќа и генетски модификации за да се погоди формата и вкусот на храната. Експертите тврдат дека оваа храна е поеколошка, па и поздрава.
Економската полза е поттикнување иновации и отворање нови работни места. Британците имаат развиена технологија на ова поле, но и посложен и побавен процес за регулација, за разлика од Сингапур, САД и Израел, кои имаат побрзи процедури.
Компанијата „Ајви фарм технолоџис“ од Оксфорд е спремна да го снабди пазарот со деликатеси произведени во лабораторија од клетки на првокласни сорти говеда „вагју“ и „енгус“. Фирмата уште лани аплицирала за снабдување ресторани со лабораториски бифтеци.
Докторката Алиша Греем од Империјал колеџот развила технологија за лабораториско производство на алтернативен шеќер од модификуван ген на бобинки. Техниката овозможува производство големи количества кристален засладувач што наводно е поздрав од шеќерот и сигурно не дебелее.
Пет Томас, директорка на кампања против генетски модификувана храна, им се спротивставува на научниците и тврди дека „храната на иднината“ ниту е здрава ниту е еколошка.
Храната произведена во лабораторија всушност е ултрапроцесирана храна. Се обидуваме да ги одвикнеме луѓето да јадат таква храна, која има последици по здравјето, вели Томас.