Што е постаро, јајцето или холестеролот?

Просечен консумент на вести, науката најчесто ја среќава кога е поврзана со исхраната. А тој вид на наука, најчесто нема блага врска со наука.

Јајцето и неговиот падни-стани статус на нашите трпези е едноставен и јасен пример за тоа колку се превртливи „научните“ сознанија за храната. Јајцето долго време беше пилар на многу кујни, особено на појадоците (британска кујна, американска кујна), подоцна најдоа дека неговиот холестерол ги зачепува артериите, подоцна го рехабилитираа како драгоцен пакет на протеини во згодна нискокалорична форма, па по најново (мартовска студија во ЈАМА) пак да го наругаат како многу ризично по нашиот живот: две јајца на ден за 19% ги зголемуваат шансите за умирачка.

Наведената студија се темели на дури 30.000 учесници па човек би помислил дека треба да ѝ се верува.

Не треба.

Скоро сите нутриционистички студии кои со бомбастични наслови циркулираат по медиумите се темелат на најнеквалитетниот тип студии, таканаречените опсервациони студии кои се непрецизни, врз кои се нема контрола и не следат никаков екпериментален метод.  

„Нутриционизмот стана дегенеративна истражувачка парадигма во која научно неписмени методи и бесмислени податоци доминираат во нашата емпирија“, велат Едвард Арчер и Карл Лави кои често рецензираат такви студии.

Ваквите истражувања најчесто се сведуваат на следново сценарио: ќе се прашаат куп луѓе што јадат и колку често. После купот ќе се следи и ќе се види какви здравствени перформанси имаат различни членови на купот.

Дури и на прв поглед ова има сериозни проблеми. Добро, веројатно знаете што сте појадувале денес, ама пред 4 дена? Во прецизни мерки? Последната студија со јајцето (онаа со 30.000 луѓе) е добар пример. Тие биле следени во период меѓу 13 и 30 години. Кој тоа нормален 30 години задржува ист начин на исхрана, со истата содржина и количини?

Познавачите препорачуваат луѓе да бидат особено сомничави кон студии кои наводно утврдуваат ефект на некоја поединечна намирница (на пример, брокули) бидејќи комплетно ја занемаруваат големата слика односно целокупноста на нечија исхрана и животен стил.

*********

Туку, што немаме идеја како Јапонците добиваат ваков омлет, со тоа што правиме?

2 август 2019 - 12:29