Забелешката на докторката не се однесува на броењето на калории, го бодри да продолжи со броење, туку за тоа што тие калории беспоштедно вклучуваат и шеќер (по една кесичка М&М или чоколадно колаче).
Таа му објаснува дека внесувањето преголеми количини рафиниран шеќер, "кој го има во најголем дел од благите, газираните сокови, белиот леб, паста, речиси сите грицки што се 'без масти,' џусеви, јогурти, енергетски пијалаци, кечап и слични сосови и неброени други пакувани производи, докажано не' прави нервозни, прави да носиме избрзани одлуки и не' прави глупи."
Уште малку муабет и тој, Мајкл Гротхаус, започнува 2-неделна диета без воопшто шеќер, што по негови зборови е "крајно бесцелна вежба, бидејќи нема да осетам речиси никаква разлика."
Гротхаус почнува со подготовки и уште тука забележува колку му биле погрешни почетните впечатоци. Тој сфаќа дека речиси секоја спакувана храна и пијалак, како и најголемиот дел од брзата храна (Биг Мек има 85 грама шеќер, или 236% од дозволената дневна доза) содржи рафиниран шеќер. Втора работа што ја сфаќа е дека ова ќе значи дека треба да ги откаже сите работи што погоре му ги наброја докторката, и дека две недели ќе треба да јаде свежо овошје и зеленчук, риба, пилешко и останато месо, ориз и интегрални тестенини.
"Важно е да нагласам дека во овие две недели не се откажав комплетно од шеќер, туку само од рафиниран шеќер. Внесував големи количини природен шеќер - најмногу оној од овошје, и оној што се разлага од останатата храна... Без внесување на природни шеќери, телото нема да има доволно гориво за да преживее на долг рок," пишува Гротхаус, дополнувајќи дека и за време на овие две недели останал на границата од 2.000 калории на ден.
Диетата почнува.
- Прв ден, го минува речиси без проблем. Јаде многу овошје, за ручек риба, за вечера стек. Му фали шеќер и млеко во кафето, ама не му фали благото што обично го јаде.
- "Вториот ден работите радикално се менуваат." Има коректен појадок и ручек, ама околу 14 часот одеднаш "се чувствува како удрен со камион." Малку му е замаглено и има главоболки, кои продолжуваат во следните 2-3 дена. Во овој период има интензивна желба за сода и колачиња.
- Третиот ден за прв пат почнува да се тресе.
- Четвртиот ден сфаќа дека тоа што се случувало на третиот не било ништо, "ќе си го продадев кучето за колаче." Згора на сето тоа што му се случува, почнува да станува нервозен и нестрплив, плус не може да се концентрира.
- "Шестиот ден, нешто се случи." Маглата почнува да му се разбиструва, а во исто време ги снемува и главоболките. Овошјето што го јаде секојдневно, му добива се поблаг вкус.
- 8 и 9 ден веќе се чувствува пофокусиран и побистар од кога и да е во последно време. Ова доведува до поголема продуктивност.
- "Во последните денови од диетата се чувствував толку многу фокусиран, што беше како да сум друг човек. Ова значеше промена на моето расположение, што не го забележав само јас, туку и моите пријатели. Колку и да звучи глупо, се чувствував посреќен отколку што бев пред две недели."
Гротхаус почнува и поубаво да спие. Заспива за 10 минути откако ќе легне, наместо за 30 колку што му требало пред укинувањето на рафинираниот шеќер. Освен тоа, наутро почнува порано и "поприродно" да се буди, и не му е толку тешко да стане од кревет.
Најголем видлив успех од диетата ја има кај тежината. За двете недели нејадење рафиниран шеќер, Гротхаус намалува 5,5 килограми (притоа цело време се држи до неговата граница од 2.000 калории на ден).
"По две недели исхрана без рафиниран шеќер, можам да кажам дека моите претпоставки за ефектите на мојата претходна исхрана врз моето тело беа погрешни. Откако се откажав од рафиниран шеќер на само две недели, се чувствувам како да ми го тргнале превезот и за прв пат како да можат јасно да гледам.
Ментално се чувствував подобро отколку што ми било со години. Спијам подобро и без прекини, и се будам посвеж од кога и да е - не сум бил волку енергичен уште од тинејџер. Мојата врска со гладот исто така се промени. Нормално, пак огладнувам - ама не толку често. Јадењето храна без рафиниран шеќер ме заситува и ме држи сит околу 7 или 8 часови. Ова го промени мојот концепт за она што претходно го сметав за глад. Сега сфаќам дека пред оваа диета, најчесто кога сум се чувствувал гладен - на секои три часа или слично - моето тело само барало уште една доза шеќер. Тоа не било вистинска глад...
... Без разлика колку беше позитивно моето искуство, загрижен сум дека нема да можам да продолжам да одолевам на рафинираниот шеќер. Шансите се против мене. Рафинираниот шеќер е скриен во десетици илјади производи и создава зависност во мозокот која е посилна од онаа од кокаинот," пишува Гротхаус во исповедта за Фаст Компани.