Како Џејми Оливер ја обедини Шпанија

Се распрснаа стравовите дека Шпанија е неповратно поделена земја после двата општи избори кои завршија без конечен победник и речиси едногодишната политичка пат позиција. Народот конечно покажа единство, на голема жал на Џејми Оливер. Да бевме и ние како нив па да се побуневме кога почнаа да прават пилешки пастрмалии.

Џејми Оливер реши да понуди своја верзија на традиционалната шпанска тава на тема ориз и наиде на консензуален отпор од Шпанците кои еден ден можеби ќе мораат да се откажат од Баскија но не и од паељата.

Оливеровата паеља доаѓа, како што обично сакаат да кажат готвачите - "with the twist".  Во конкретниов случај со чоризо кобасици, што се покажа како смртен грев на Британецот. Тие се пикантни, зачинети, вкусни, Шпанците ги сакаат, ама не и во паеља.

Во лутина, некои Шпанци му предложија да пробува "твистови" на британскиот фиш & чипс со модар патлиџан, патка или равиоли.

"Вади го чоризото од рецептот. Не преговараме со терористи. Ова е прва опомена," гласеше една порака.

Други посакаа да му се лизне ножот следниот пат кога ќе сецка коријандер или пак да прави пилешки прсти со сопствен материјал. Трети ја споредија неговата паеља со онаа фамозно грда фреска која пред некоја година стана интернет меме:

Некои посмирени коментатори признаа дека јадењето можеби е вкусно но - не е паеља. Предложија рецептот да се вика "ориз и разни работи."

А паељата која по потекло е од Валенсија трпи месо или риба и морски плодови, зеленчук, грав ама не и кобасици (иако на интернет ќе најдете куп рецепти баш со нив).

Ова не е првпат Шпанците да дигнат гард околу импровизација на нивните традиционални јадења. Претходно го кркаше Гордн Ремзи и тоа само затоа што стави чили па угледниот Ел Паис му порача да го вади чилито од паељата бидејќи "Шпанија не е Мексико".

А и на Оливер ова му е вторпат како оризот му испаѓа минско поле. Претходно ја налути цела западна Африка со неговата верзија на традиционалниот јолоф ориз по што следуваа поплаки од типот "од овој рецепт ми крвари душата" и предупредувања:

"Нашите чинии нема да бидат колонизирани"

5 октомври 2016 - 23:00