Јајцата ни се здрави

Не сета храна што денес се јаде е помалку здрава од истата храна некогаш. На пример, денешното јајце е поквалитетно од она од пред 30 години.

Денешните јајца имаат 25 проценти помалку заситени масти од оние што се јаделе во 1980-та година, утврди прецизна студија нарачана од британското министерство за здравство. 1,3 наместо 1,7 грама како некогаш. Препораките се да не се јаде повеќе од 20 грама заситени масти на ден.

Денешните јајца имаат и помалку холестерол: 177 наместо некогашните 202 микрограми.

И помалку калории: 66 а не 78 како пред три децении.

А згора на сè, имаат речиси двојно повеќе Д витамин отколку во 1980-та година: 1,6 наспроти 0,9.

Сето ова благодарејќи на подобрената исхрана на кокошките на кои денес им се дава мешавина од брашно, пченка, растително масло и протеини. Пред 30 години тие главно се хранеле со брашно од месо и коски.

Инаку, јајцето ги содржи сите најбитни протеини, минерали и витамини, освен витаминот Ц. Бојата на јајцето не зависи од исхраната. Кокошки со бели пердуви несат бели јајца, кафеави кокошки - кафеави јајца. Исхраната на кокошката е битна кај бојата (нијансата) на жолчката. Лушпата на јајцето содржи околу 17.000 пори.

Потекнува од црвениот Gallus gallus што живее во Азија а првите пишани трагови за постоење на домашна кокошка водат кон Кина во 1.400 година п.н.е. Денес во светот постојат околу 150 видови кокошки.

Инаку, околу прашањето, што е постаро, јајцето или кокошката, Библијата и науката се согласуваат: кокошката.

19 јули 2012 - 17:50