Во САД им цело неофицијално движење од луѓе кои се пробале дали ќе издржат цел месец без храна. Нивното објаснување е дека ова го прават заради рестартирање на организмот, или да се пробаат колку се издржливи и колку им е силна волјата.
30 годишната Хајли Рајцек, прекинува со исхрана на 1-ви октомври и успешно го тера ова се до 31-ви во месецот. Нејзиното искуство е дека првите неколку дена се што сака е сопругот да престане да зборува, па потоа сфаќа дека храната и била само одбранбен механизам во најразлични ситуации.
Таа е инспирирана и водена од книгата на канадскиот нефролог, Џејсон Фонг, The Complete Guide to Fasting, според кого не е ништо страшно цел месец да се испостуваш, "клучот на долгите пости е дека треба цело тоа време добро да се чувствуваш. Ако почнеш да се чувствуваш слаб или уморен, тогаш треба да престанеш."
Иако технички е возможно да се преживее повеќе од еден месец без храна, и иако Рајцек тврди дека за време на целото постење нејзината енергија не опаднала, докторите не препорачуваат постење повеќе од ден - два.
Медицинската страна од приказната е дека најголемиот дел од луѓето, вклучително и дебелите, за секое симнато кило тежина губат и одредена мускулна маса. Плус заради недостаток на гликоза во мозокот размислувањето станува потешко, а во исто време паѓа крвниот притисок и се зголемува ризикот да се онесвестиш.
"Во недостаток на протеин и гликоза од храната што ја јадеш, ти почнуваш да го канибализираш протеинот од твоето тело. Откако ќе ги искористиш резервите од гликоген, телото почнува да ја троши гликозата во твоите мускули. И на крај ти го јадеш мускулното ткиво на твоето тело," објаснува директорот на Центарот за тежина и нарушувања во исхраната на Универзитетот Пенсилванија, Томас Ваден.
Оваа пресметка го вклучува и срцето кое само по себе е голем мускул, и може да го измести неговиот ритам, што пак потенцијално може да доведе до прерана смрт.
Исклучувањето храна на вака долг период се нема покажано и како ефикасна стратегија за слабеење, затоа што организмот гледа на секој начин да се справи со ваквото нарушување. Па прво нешто што организмот го прави е да го забави метаболизмот, затоа што човекот на кој некогаш му требале 2.000 калории на ден за да функционира, сега да може да се справи и да го мине денот со само 1.800.
Инаку, најопасниот дел во целиот пост е моментот кога ќе почнеш пак да јадеш и пак да внесуваш храна во организмот, што може да ги оптовари дотогаш испостените органи. Дури и со болничка помош и надзор, Дејвид Блејн имаше компликации по завршувањето на 44 дневниот пост во 2003 (за кој беше затворен во стаклена кутија).
На крај од нејадењето, Рајцек за овие 31 ден ослабела 10,8 килограми.