Во магацините на компанијата Банингс се продаваат едни од најомилените сендвичи во Австралија. Тие имаат 294 свои продажни места, ама сендвичите се продаваат уште на илјадници тезги, кои ги водат хуманитарни организации бидејќи профитот оди во благородни цели.
Бестселерот на Банингс, сендвичот со колбас (лесен колбас, накај виршла, Австралијците ја викаат snag) е едноставен и има три елементи:
- лепче,
- колбас,
- карамелизиран кромид („сенфкечапмајонез“ по желба).
Ама, по кој редослед? Австралија е навикната кромидот да биде најгоре. А Банингс пред некое време решаваат да го стават кромидот под колбасот. И - проблем.
Компанијата објаснува дека се решиле на ваква суштинска промена бидејќи заклучиле дека кога е најгоре, кромидот може да падне од сендвичот што после знае да се претвори во 'безбедносен ризик', тоест некој да се лизне на него.
Ама фановите не можат да се помират со ваква радикална промена, па мајки-шајки по компанијата, на сите можни фронтови.
Имаат и тие аргументи. Викаат, кога кромидот доаѓа прв, директно на лепчето, го прави лепчето гнецаво, со што 'се нарушува структурниот интегритет на целиот сендвич'. Тоест сендвичот може скроз да се растури, со што се предизвикува уште поголем безбедносен проблем (лизгање).
Нервозата е таква што во дебатата морал да биде вклучен и австралискиот премиер, кого новинари го начекале на самиот на АСЕАН во Сингапур и го прашале баш за ова. Скот Мoрисон дал крајно политички одговор, дека ќе го јаде сендвичот со колбас без разлика каде е кромидот „сè додека знае дека со парите се поддржуваат хуманитарни цели, бла, бла..“
А за да не остави впечаток на незаинтересирана, се вклучила и премиерката на Ноз Зеланд, која оценила дека ова е најжешкото транстасманиско прашање на денот, при што предложила таа и Морисон да срочат заедничко соопштение дека „додека траат нивните мандати, сендвичот со колбас нема да престане да се јаде“. На тој предлог Морисон сериозно одговорил: „Така е, така е“.
Како да не ги сакаш?