Убедливо најгледаната серија од американскиот каталог на Нетфликс е Офис (американската верзија, со Стив Карел). Иако платформата потроши огромни пари во производство на своја оригинална програма (само минатата година - 1.500 часови), испадна дека луѓето најмногу сакаат да гледаат ситком стар една деценија. По еден извештај, Офис сам агрегирал 7% од вкупното гледање на американскиот Нетфликс.
И сега, нормално, NBC си ја сака серијата назад. Неделава обелоденија дека Нетфликс не успеале да ги обезбедат правата за Офис после јануари 2021 година. Добро е што порачаа дека ќе може да се гледа на друго место, лошо што тоа друго место значи само кај нив, на нивната стриминг платформа, за друга претплата.
Во моментов, американски гледач е добро покриен со не големи парио: ако има тв лиценца плус Нетфликс и Амазон и евентуално Now TV за Скај спорт. Но, работите многу брзо ќе се сменат. Во ноември Дизни ќе го лансира Дизни Плус, стриминг платформа која не само што ќе блокира огромна количина постоечка содржина (филмови на Дизни, шоуа na АБЦ, филмови на Марвел и Пиксар, Лукасфилм, Симпсонови и сè што е направено од 20th Century Fox), туку и ќе понуди увид во идниот универзум на Марвел Синематик. Што значи, ако саката да сте во тек што се случува со било кој Марвел филм од ноември натаму, ќе мора да имате некоја претплата на Дизни+.
Отприлика во исто време, во пазарот на видео стриминг влегува и Епл кој ги ветува новите парчиња на Софија Копола, Стивен Спилберг, Џенифер Анистон, Опра Винфри, Риз Витерспун, Бри Ларсон... Во следните три години, Епл планира да потроши 4,2 МИЛИЈАРДИ долари за оригинална програма и човек нема да може да види ништо од тоа ако не плаќа месечна претплата кај нив.
А не се само тие. NBCUniversal ги повлекува своите шоуа од Нетфликс, Френдс најверојатно ќе исчезнат во новиот WarnerMedia стриминг сервис, заедно со LOTR и Хари Потер, сè што е поврзано со DC comic и сè од HBO - се претпоставува дека тоа ќе чини 15 долари месечно. Во Велика Британија, BBC и ITV ќе ги спојат нивните архиви во нешто што се вика БритБокс, поранешниот главен во Дизни, Џефри Каценберг покренува стриминг платформа наречена Квиби која ќе има питка содржина од Спилберг и други, дизајнирана да може да се гледа на телефон, Јутјуб продуцира сè повеќе содржини достапни само за претплатници а и Фејсбук почна да прави емисии и шоуа.
Моделот на Нетфликс (огромен каталог за мали пари) беше одличен но веројатно не можеше вечно да трае. Неверојатниот глобален успех на Нетфликс, оние кои создаваат содржини ги направи истовремено и уплашени и лакоми и сега работите ќе се вратат во (за нив) старите добри времиња; за сè да се плаќа башка.
А ќе очекуваат многу пари бидејќи многу пари и се даваат: NBCUniversal дале 500 милиони долари за да го вратат Офис, Амазон троши 250 милиони долари за Кралот на прстените а Ворнер ги чини половина милијарда за да ги обезбедат собраните дела на Џеј Џеј Абрамс.
И да не се лажеме, сето тоа нема кој друг да го плати, освен ние.