Од 11-те номинации за Оскар, Џокер освои 2, а претходно жнееше награди по сите големи шоуа. На страна од филмаџиите, Џокер е посебна основа за радост и за неговите финансиери, и неверување меѓу филмските директори низ Холивуд. Како што ќе каже аналитичарот на Комскор, Пол Дергарабедиан, „Џокер е еден од најнеочекуваните резултати за кој било филм што сум го видел во мојата 30-годишна кариера откако ги следам кино-благајните“.
Освен Ворнер брос, ќар од успехот на филмот ќе видат и уште неколку негови финансиери, како канадски пензиски фонд, заеднички фондови, неколку поранешни инвестициски банкари и осигурителни компании.
Пред што било од ова да се случи, на режисерот Тод Филипс му е потребна една година за да го убеди Ворнер брос да го снима филмот. И ова се остварува само откако Брон криејтив и Вилиџ роудшоу се согласуваат да покријат по 20% од цената на продукцијата.
Џејсон Клот е инвестициски банкар од Канада сопственик на Криејтив велт медиа, чии клиенти се институционални инвеститори како пензиски фондови или заеднички фондови. Во 2016 тој и Брон студиос ја создаваат Брон криејтив. Во 2018 Брон криејтив потпишува договор на 100 милиони долари за финансирање на неколку филмови на Ворнер брос. По оваа основа тие се наоѓаат меѓу финансиерите на Џокер.
За разлика од нив Вилиџ роудшоу со децении финансира филмови на Ворнер брос, а нивниот сопственик Вајн алтернатив инвестментс, освен за новите филмови дава пари и за купување на цели колекции на стари филмови и ТВ програма.
Претпоставката на сите нив е дека филмот ќе заработи околу 100 милиони во САД и уште некои пари низ светот, па ќе имаат некаков ќар од него.
Џокер на светските кино-благајни заработи 1 милијарда долари.