Домашните караници заради производите на шведската фирма се толку вообичаени што комичарката Ејми Полер еднаш има изјавено дека Икеа е всушност шведски збор за „расправија".
Но што е тоа во мебелот на составување кое претставува толкав предизвик за паровите? Што има толку страшно во една трпезариска маса или тросек, двосек, тамбуретка?
Психолозите, бихејвиоралните експерти и семејните терапевти објаснуваат: мебелот не е причина, туку „тригер" за конфликти, кои во врската тлеат и претходно. „Малите нешта како составување полици може да поттикне расправија за некаква дамнешна случка", вели Дон Фергусон, автор на „Заљубени рептили: ставање крај на деструктивните караници и еволуирање кон подобри врски". Муабети од типот: „Што не го составиш ти ако си толку паметна?", „Да не сакаш бившиот да ти беше тука?", „Ти глуп си, тоа ли е десно?!" и слични 'рчки.
Клиничкиот психолог Рамани Дурвасула имала толку голем број пациенти кои ги спомнале расправиите во врска со Икеа што таа почнала да ја посетува продавницата како еден вид „теренско истражување". Резултатите се очекувани - темата на караниците се поврзани со видот на мебел кој се купува, на пример кревет (секс), кујнска опрема (кој ќе готви и ќе ги мие садовите), детски соби (може да претпоставите..).
Исто така се покренуваат прашања на вкус, кои се изедначуваат со посакуван идентитет, и личен и колективен, во смисла на семејство. Ако некој сака сосема спротивни работи од вас, па макар тоа било и кујнска масичка, почнувате да се прашувате - дали сакаме ист вид живот?
Тоа е за бирањето. Расправијата пак околу составувањето почнува уште пред некој да посегне по штрафцигерот. Бидејќи мора некој да е прв и во овој чекор, во семејства каде не се „подразбира" дека мажот е оној кој управува со секаков вид алат, жената може да се најде навредена ако тој сака да земе сè во свои раце (кај нас тоа досега се нема случено). Оној пак кој ќе „победи" во оваа фаза, потоа треба да го трпи мрчењето на асистентот, кое ретко се сфаќа како добронамерна и во поглед на темава, буквално конструктивна критика.
Работата уште повеќе се затегнува имајќи предвид дека упатствата на Икеа прикажуваат политички коректна човечка фигура за која не се знае дали е машко или женско, но која ги составува работите со магична брзина. Всушност работата е далеку од едноставна, а ваквата фрустрација од јазот помеѓу очекуваното „лесно" и реалното „тешко" најчесто се исфрла на партнерот. Најважното прашање е - дали имаме тенденција да ги обвинуваме другите ако работите тргнат погрешно? Во деновите кога сè изгледа дека оди така, нашите „неесенцијални функции" (како зрелост, толеранција и разум) привремено се исклучуваат а на сцената стапуваат примитивните инстинкти на „борење или бегање". Токму затоа паровите кои почнуваат да се расправаат за завеси, набргу почнуваат да вoдат војни и за нивната врска, бабите или децата.