Во 2010 година, извесен Такеши Кувабара бил осуден на 15 годишни затвор заради убиство на својата љубовница Рие Исохата. Случајот го привлече вниманието на јавноста заради фактот што Кувабара бил „вакаресасеја“, термин со кој се означуваат платени професионалци за заведување нечиј брачен партнер.
Во случајов, тој бил најмен од сопругот на Рие. Создал имиџ и приказна прикладна за заведување на метата, пришол, се запознале и по некое време започнале афера. Проблем е што таа афера, од професионален ангажман се претворила во автентична љубовна врска. А проблемот го комплицира колега на Кувабара кој ги снимил двајцата во хотел и ги пратил фотографиите на сопругот (исто како кај комитите, и кај нив изгледа важи „од двајца вакаресасеи, едниот е кодош“). Сопругот задоволен, но сега Рие е разочарана што нејзината новооткриена љубов е платен аргат па сакала да му раскине. Па Кувабара ја задавил со жица.
После овој случај, државата прави малку ред во оваа сфера, ги усложнува процедурите за отворање ваков бизнис, воведува задолжително поседување лиценци и слично. Но, поради побарувачката за овој тип услуги, и денес во земјата постојат преку 250 агенции кои изнајмуваат и машки и женски вакаресасеи.
Се работи за тоа што разводот во Јапонија станува сложена операција доколку двајцата партнери не се согласни на него. Оттука, тој што нејќе се доведува во инкриминирачки позиции кои му помагаат на судот да донесе одлука на развод. А и да не дојде до скандализирање, некој полесно прифаќа развод на брак ако веќе е во некоја друга врска.
Освен овој тип на услуги, луѓе бараат професионалци и за да ги растурат швалерските врски на своите брачни партнери.