Болницата во Бреша, минатата недела објавува дека и се потребни залихи од специјален вентил кој се користи на машините за дишење кои ги одржуваат во живот пациентите со ковид-19. Производителот на машините и заменската опрема не е во можност да им одговори на барањето затоа што има преголема побарувачка за конкретниот вентил.
„Со помош на уредникот на локалниот весник и техничкиот експерт Масимо Темпорели, докторите започнуваат потрага по 3Д печатач.
Барањето за кратко стига до Фракаси, сопственик на фармацевтска компанија кој поседува 3Д печатач. Тој веднаш ја носи машината во болницата и за неколку часа успева да го редизајнира а потоа и да го испечати потребниот дел,“ пишува британски Метро.
Дополнителните детали околу приказната ги објавува Бизнис инсајдер Италија, според кои иако производителот не можел да го обезбеди делот, од таму одбиле да го испратат потребниот 3Д фајл на Фракаси за да го испечати вентилот.
За да не биде половичен впечатокот на одвратна и алчна корпорација, од компанијата истовремено му се заканиле на Фракаси дека ќе го тужат за прекршување на патент ако се обиде сам да го направи вентилот.
Бидејќи ситуацијата во Италија е на сосема ново ниво на алармантност, Фракаси од нула го креира 3Д фајлот и го печати вентилот. Прво тој изработува 10 парчиња, па потоа уште 100. Сите бесплатно, без да и наплати на болницата.
Самиот тој признава дека неговиот вентил не е толку издржлив или дека може повеќекратно да се употребува, меѓутоа истиот чини помалку од едно евро и лесно може да се реплицира, па издржливоста не е ни приближно важна.