"Winamp.com и поврзаните веб сервиси нема да бидат достапни по 20-ти декември 2013-та. Дополнително, Винамп медија плеерите повеќе нема да бидат достапни за симнување. Ве молиме симнете ја најновата верзија пред овој датум. Ова е листата со последните подобрување на најновата верзија. Благодариме што ја поддржувавте Винамп заедницата цели 15 години."
Горното соопштение го потврдил и директорот на компанијата Гено Јохам, кој дојде на оваа позиција во октомври 2008-та.
Поранешните вработени на Винамп ги проценуваат сегашните приходи на компанијата на околу 6 милиони долари годишно. Консензусот е дека лошото менаџирање од страна на АОЛ е главната причина за пропаста на компанијата. АОЛ го купи Винамп во 1999-та, за 80 милиони долари.
"Нема зошто Винамп денес да не биде во иста позиција како Ајтјунс, ако не беа неколку нивоа на лошо менаџирање од страна на АОЛ, кое започна веднаш откако ја купија компанијата," изјави првиот генерален менаџер на Винамп Роб Лорд, во интервју за АрсТехника во 2012-та.
"Секогаш се надевам дека ќе направат некаква промена и дека ќе воочат дека го убиваат (Винамп) и дека ќе најдат подобар начин, но АОЛ секогаш изгледа премногу заглавен во своите внатрешни политики за да може да заврши каква било работа," изјавил главниот програмер на Винамп, Џастин Франкел за БетаЊуз.
Основачот на Spinner.com, уште еден сајт за музика што АОЛ го купи во исто време како и Винамп, објаснил дека АОЛ веќе неколку месеци се обидувал да го продаде Винамп ама не им успевало: "Мислам дека во прашање беше некоја сумa од 5 милиони долари."