Учтивите „благодарам“ и „молам“ го чинат Опен АИ милиони долари

Директорот на Опен АИ, Сем Алтман, ги повикува корисниците да бидат подрски со Чет ГПТ, бидејќи сите учтивости во комуникацијата со виртуелниот соговорник ја чинат компанијата десетици милиони долари во потрошена струја. Самиот е виновен за сметката. На четботовите им вградија толку многу хумани карактеристики, што човек повеќе не може, а да не им се заблагодари.

Опен АИ проценува дека генерирањето на секој имејл со помош од моделот со вештачка интелигенција Чет ГПТ може да ѝ потроши на компанијата 0,14 киловат-часови енергија – приближно колку што им треба на 14 лед-светилки да бидат запалени еден час.

Кога ќе се сумираат преку милијарди интеракции со Чет ГПТ секој ден, кумулативното користење на енергија станува значајно. Ако испраќате по еден имејл неделно во текот на една година, би потрошиле 7,5 киловат-часови, колку што приближно едно домаќинство троши струја за 9 часа.

Моделот се напрега да ја разбере и да најде одговор на секоја порака, дури и кога тоа е учтив израз на благодарност. На прашањето од корисник колку вкупно пари изгубил Опен АИ за струја од луѓето што пишуваат „те молам“ и „благодарам“ во комуникацијата со Чет ГПТ, Алтман одговорил дека тоа се „добро потрошени десетици милиони долари“.

Четботовите работат со големи јазични модели (LLM), кои се потпираат на обемна компјутерска инфраструктура хостирана во центрите за податоци. За да бидат ефикасни во интерпретирањето на инструкциите и да дадат коректен одговор, моделите користат илјадници графички процесори со високи перформанси, кои паралелно обработуваат огромно количество податоци во базите. Сето тоа троши многу струја.
На глобално ниво, центрите за податоци веќе сочинуваат околу 2% од вкупната потрошувачка на електрична енергија. Тој процент се очекува да се зголеми со сè пораширеното користење на модели со вештачка интелигенција. 

Што се однесува до учтивоста, таа е непотребна, но некои експерти ја посочуваат како неопходна за да се создаде однос кон виртуелниот соговорник и да се зголеми довербата во одговорите.

Учтивото изразување не само што ги одразува добрите манири, туку активно влијае на тоа како вештачката интелигенција одговара и создава поконструктивен и професионален тон на интеракција. На учтиво прашање, поверојатно е моделот со ВИ да даде поучтив одговор, вели Куртис Биверс, директор на дизајнерскиот тим на сервисот Копилот на Мајкрософт.

Истражување од 2024 година покажа дека приближно 67% од американските корисници редовно користат љубезни изрази при комуникација со четботови. Во таа група, мнозинството (55%) веруваат дека учтивоста е етички коректна, а 12% одговориле дека се љубезни „за да не го изнервираат виртуелниот соговорник“ и да спречат „бунт на вештачката интелигенција“.

22 април 2025 - 13:34