Минатата недела Епик, авторот на Фортнајт, имаше обид за „пуч“ кога во најновата верзија на играта на играчите им дозволи да плаќаат директно, заобиколувајќи го системот за наплата на Епл. Според Епик, нема логика Епл да зема по 30% „данок“ од сите пари што ќе пројдат преку неговиот систем, според Епл има логика, па на крај Фортнајт беше шутнат од Ап стор.
Како што се ширеше веста така излезе дека и други биле на ист памет како Епик.
Дигитал контент некст, еснафското медиумско здружение кое ги претставува Њујорк тајмс, Вашингтон пост, Вол стрит журнал и десетици други, во четвртокот испратило писмо до ЦЕО-то на Епл, Тим Кук, во кое бара да преговараат за пониска стапка на надомест што технолошкиот гигант ја наплаќа за користењето на неговата платформа а.к.а. „Епл данок“.
Моментално Епл зема по 30% од сите приходи на претплатниците на ИОС апликациите на медиумските куќи (стапката од 30% важи за првата година, ако следната година се обнови претплатата надоместокот паѓа на 15%).
Во писмото до Кук медиумите го тужакаат Безос кој успеа со Епл да испреговара надомест од само 15% од претплатите за Амазон прајм видео, наместо стандардните 30%, и порачуваат дека и тие се квалификуваат за ваков попуст. Според нив, Епл треба барем да објави кои услови ги има исполнето Амазон за да добие таков попуст, па и на останатите да биде овозможена истата шанса.
На страна медиумите, по потегот на Епик, свои поплаки за „Епл данокот“ имаа и Спотифај и Тиндер.
Блумберг во една статија од деновиве околу целиот Епл данок потсети на потеклото на надоместокот од 30% што најразлични автори на игри и денес го плаќаат на најразличните играчки платформи за нивната игра да се појави на нив.
„Но што требаше овие 30% воопшто да платат? Надоместокот за користење на платформата прв пат беше воведен од Нинтендо на почетокот 1980-те. Целата работа почнува кога Намко, авторите на Пак-мен и еден од најголемите провајдери на флипери во тоа време, сакаа да ја прошират својата дистрибуција преку конзолата на Нинтендо. Тогаш Намко заедно со уште една компанија за игри, Хадсон софт (авторите на Бомбермен), го убедија Нинтендо да ја отвори својата платформа за игри од други софтверски компании.
И Намко и Хадсон беа желни да бидат на популарната конзола на Нинтендо, меѓутоа Хадсон не можеше да произведува сопствени картриџи. Па Намко предложи да плаќаат 10% надомест на Нинтендо за да бидат на платформата, а Хадсон требаше да плати дополнителни 20% за Нинтендо да ги произведува картриџи со нивните игри. Нинтендо се согласи - и така двокомпонентниот надомест, лиценцирање и производство, стана основа за денешниот данок од 30%,“ објаснува Такаши Мочизуки во текстот за Блумберг.
Тука нагласокот е дека 30% се плаќаат за производство на физички картриџи за игри, не за дигитална верзија.