Милеи сака ВИ да има свои фирми во Буенос Аирес

Додека цел свет бара начин како да ја регулира вештачката интелигенција, а притоа да не го запре нејзиниот развој, Аргентина оди во спротивна насока и тоа „ол ин“ – сака да ѝ дозволи на ВИ да поседува и да управува компании во кои не мора воопшто да има луѓе. Целта е да ги привлече технолошките гиганти да развиваат нови модели без никакви ограничувања.

Претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи објави дека неговата влада доставила закон за „нечовечки корпорации“ - правно лице во сопственост и целосно управувано од агенти или роботи на вештачка интелигенција. „Човечките акционери можат да учествуваат, но не се обврзани“, напиша тој во колумна за гости во „Фајненшл тајмс“.

Ова законодавството се потпира на три столба: никаква регулација на вештачката интелигенција - овозможувајќи слободен развој без смртоносната рака на слабо разбраните регулативи; нова корпоративна категорија за компании управувани од ВИ; и ниска стапка на корпоративен данок за привлекување технолошки инвестиции во Буенос Аирес, пишува Милеи.

Визијата на „нечовечка корпорација“ на Милеи е револуционерна. Законодавствата во сите земји дефинираат правно одговорни луѓе – директори, сопственици и акционери. Милеи сака да дозволи агенти со ВИ да основаат компании, да склучуваат договори, да ангажираат работна сила, да водат правни спорови без какво било учество на човек.

Милеи објаснува дека ова е слично на Холандската источноиндиска компанија, основана во 1602 години како прво друштво со ограничена одговорност.

ДОО сигурно заслужува место меѓу 10-те најзначајни пронајдоци во историјата. Тоа го ослободи целиот потенцијал на капитализмот. Кога законот постави ограничување на ризикот, капиталот се распореди со вистинска сила. Индустриската револуција, која почна неколку години подоцна, не беше комплетирана со инженерството, туку преку холандското корпоративно право, пишува Милеи.

Тој додава дека оттогаш глобалниот БДП се зголемил повеќе од 200 пати, приходот по глава на жител се зголемил за 15 пати, а населението за 15 пати. 

Милеи не гледа зошто логиката од 1602 година не би важела денес. На компаниите управувани од нови технологии им е потребна истата правна рамка погодна за развој и експериментирање, која го поткрепува капитализмот повеќе од четири века.

Историчарот Јувал Ноа Харари реагираше дека некој мора да биде одговорен за можните грешки и предизвикани штети.

Кого ќе казните кога компанија управувана од ВИ ќе направи нешто погрешно? Кој е одговорен? Со директорите е лесно, бидејќи тие се плашат од затвор. Тој страв - личниот интерес на лице кое не сака да помине децении зад решетки - го држи корпоративното однесување во рамките на границите. Ако ВИ се соочи со банкрот, што е еквивалентно на неговата смрт, веројатно би бил подготвен да направи сè за да ја избегне таа судбина, напиша Харари во своја колумна во истиот весник.

За аналогијата на Милеи со 1602 година, историчарот коментира дека новиот пристап му помогнал на Амстердам да стане светски финансиски центар на 17 век, но најзначајната епизода била кога Холандската источноиндиска компанија го освоила пристаништето Џајакарта во 1619 година, го запалила градот и го изградила колонијалниот центар Батавија, управувајќи го регионот како приватна империја во корист на своите акционери.

Милеи се надева дека ќе го претвори Буенос Аирес во нов Амстердам. Но, ризикува да го претвори во нова Батавија... Тоа би било држава на ВИ, во која народот би бил управуван од корпорации без луѓе, против кои можеби ќе биде уште потешко да се бунтуваш, предупредува Харари.

Визијата на Милеи веќе привлекува внимание во технолошките кругови. Милијардерот Петер Тил, првиот човек на „Палантир“, неодамна купил имот во Буенос Аирес, го преселил таму своето семејство и се сретнал со Милеи и високи владини претставници.

11 јуни 2026 - 09:15