Пегаз е производ на израелската НСО Груп Технолоџис и се работи за софтвер кој лесно и незабележано се инсталира во нечиј мобилен телефон користејќи ги дупките во оперативниот систем на некој од програмите за комуникација како што е Воцап, а за тоа сопственикот да не е свесен.
Кога ќе се најде таму, Пегаз му овозможува на оној кој го инсталирал да прегледува сè што има во телефонот - пораки, меилови, фотографии, аудио и видео записи, интернет пребарувања, сајтови кои сопственикот ги посетувал, дури и од други уреди на кои е логиран. Ако тоа не е доволно, Пегаз може да вклучи микрофон и камера, тајно, и да слуша и снима сè што се случува околу него. Ќе се сложите, тоа е многу повеќе отколку што може онаа мува со која сакавте да се смените.
Заради своите својства, Пегаз е регистриран како оружје, па така и се продава. Контролирано, исклучиво на држави кои ги исполнуваат условите за купување оружје со одобрение од израелската влада. На приватни фирми не се продава. Така барем тврдат во НСО групацијата која е основана во 2010 година од тројца припадници на изралеските шпионски служби кои се бавеле со технологии за прислушување. Квалитетот на производот доста брзо им обезбедува висока репутација па за само една-две години добиваат клиентела ширум светот.
Пегаз е замислен како одбрамбено средство. Идејата била да се користи за шпионирање на криминалци и терористи, и наводно, еден од првите клиенти било Мексико, кое на тој начин му влегло во траг на озлогласениот Ел Чапо, тоест Хоаким Гузман, кралот на кокаинот. Набрзо се испоставило дека некои држави и влади, подеднакво опасни ги сметаат новинарите, активистите, политичките противници па минатата недела беше објавено дека биле следени над 50.000 луѓе ширум светот. Листата вклучува новинари од СиеНеН, Ал Џезеира и Њујорк Тајмс, веројатно и лидерот на индиската опозиција Раул Ганди и Џамал Кашоги, саудискиот новинар кој беше убиен во саудиската амбасада во Турција. Со тоа што цврсти докази за овие активности не постојат, бидејќи софтверот работи во работната меморија на телефонот и зад себе не остава траги, објаснуваат стручњаци. Не е обична, туку невидлива мува.
НСО ги отфрла обвиненијата за каква било злоупотреба, но тоа го прават со години, откако Амнести и слични организации ги „открија.“ Заштитниците на човековите права направија сопствени информатички лаборатории чија задача е да откриваат вакви видови шпионажа и од таму стигнуваат информации кои сега се поделени меѓу медиумите.
Пред 20 години, кога сакавме нешто доверливо да зборуваме, ја вадевме батеријата од телефонот. Подоцна се испостави дека тоа не е доволно. Сега е јасно дека во присуство на телефон нема ни тајна ни интима, додека без него нема комфор, а можеби ни живот. Посебно прашање е како ќе изгледа таквиот живот кога софтвер како Пегаз ќе биде на располагање секому, за што не ни треба многу фантазија, туку само трпение.