Индустријата на фосилни горива беше главен мотор на човечкиот напредок која обезбеди пристап до евтин, доверлив и релативно безбеден извор на енергија. Таа нè ослободи од мачниот физички труд, тројно го зголеми животниот век и земја по земја вадеше од сиромаштија, нудејќи посакуван производ, што во директна и видлива форма (бензин, дизел гас), што во безброј индиректни облици (цемент, пластика, челик, стакло).
„Погледнете во просторијата околу вас, тешко дека ќе најдете објект во чие производство не учествувале фосилни горива,“ пишува Маартен Баудри.
Наспроти тврдењата на климатски активисти и инфлуенсери како Наоми Клајн дека веќе имаме технолошки алтернативи за запирање на климатските промени, реално - немаме. Немаме чисти алтернативи кои можеме да си ги дозволиме за производство на цемент, стакло, челик, за вештачко ѓубриво, за авијација....
Скептици денес нема многу ни во САД кои се озглогласни по нив; 9 од 10 луѓе и таму се свесни дека климатските последици ќе ги чувствуваат и идните генерации.
Од друга страна, ене ја Германија, една од најбогатите и воедно климатски најосвестени земји. Веќе три децении, нивните политички лидери сериозно ја сфаќаат кризата а нивните скептици се на маргините и никогаш не дошле до политичка моќ. Иако потроши 500 милијарди евра на својата „енергетска транзиција,“ Германија и натаму гори огромни количини лигнит и јаглен и не е ни приближно на дофат да ги постигне климатските таргети.
Всушност, во намалување на емисиите Германија има постигнато слично колку САД.
Тука приказната почнува да биде незгодна за климатските активисти кои прелесно прават паралели со филмот „Don't Look Up“,верувајќи дека главниот проблем е што луѓето не сакаат да ја погледнат вистината.
А вистината е, пишува Баудри, дека за да се решат емисиите, клучни се две работи: прво, струјата да се декарбонизира, второ, сè да се електрифицира.
Постои ли извор на енергија кој е доволно чист, безбеден и независен од времето, а кој би можел да помогне во тоа? Постои, а тоа не се ветровите и водата туку - нуклеарната енергија.
Франција е добар пример за констрастирање на германскиот случај.
Во 1970-тите, кога Франција реши да премине од фосилни горива на нуклеарна енергија, климатскиот проблем не беше ни на дневен ред. А сепак, за околу 15 години, Франција речиси целосно го декарбонизираше својот сектор за електрична енергија и електрифицираше многу други работи (електрично греење, брзи возови...). Земјите како Франција и Шведска во реалниот живот покажаа дека е можно да се елиминираат фосилните горива без да се жртвува економскиот раст и просперитетот.
Причината зошто јаглеродниот интензитет на германската електрична енергија, дури цели две децении по „енергетската транзиција“сè уште е над пет пати поголем од оној на нуклеарната Франција, не е поради масовна заблуда и манипулации. Сосема спротивно. Тоа е затоа што антинуклеарните екологисти - истите они кои се на највисоко ниво вознемирени околу климатските промени - имаат поголемо политичко влијание во Германија отколку во Франција и ги убедија нивните политички лидери, да се напушти атомската енергија и да ги затворат сите преостанати реактори е одлична „климатска политика“
Нуклеарната енергија досега ја има поштедено планетава од 74 милијарди тони CO2, двојно повеќе од сегашните глобални годишни емисии. Ќе беше тоа уште подобро, доколку нуклеарната индустрија продолжеше со брзиот раст од 60-тите години.
Германија ќе можеше да симне милијарда тони CO2 до 2045 година, само ако решеше да ги задржи постоечките реактори, без да гради нови.
За жал, од земја во земја, планираните проекти за нуклеарни централи беа откажани поради противењето на јавноста (повеќе од 120, само во САД), главно предводени од еколошките движење. Прекумерната регулатива, поттикнувањето страв од хаварии и зрачења, на крајот доведе до негативна крива: секој нов реактор стануваше поскап и одземаше повеќе време од последниот.
И така, владеењето на Кралот Јаглен не беше загрозено.