Од кога се појави во 2012-та, Гугл Глас беше предмет на исмејување, како ретко кој технолошки изум беше причина за насилство врз неговите сопственици, стана заштитен знак на сите противници на Силициумската долина, а англискиот јазик го доби зборот "glasshole".
Прво, никој не знае дали производот воопшто се продава, дали очилата што ги гледаме по луѓе уште се за тестирање или конечна верзија, и тоа оваа збрка е за во САД, надвор е полошо. Сето ова не е јасно посебно ако се има во предвид успехот што Гугл го имаше со продажбата и лансирањето на Нексус телефоните и таблет уредите.
Второ, ужасен дизајн. "Се кладам дека Стив Џобс да беше жив, тој ќе се смееше секој пат кога ќе видеше некој што носи Гугл Глас. Без гајле Стив, тука сме ние. Гугл Глас изгледа смешно, и премногу очигледно," пишува Џин Маркс во својата анализа за очилата на Гугл. Проблемот со очилата е што се претерано не дискретни и прават претерано да изгледаш како бубалица.
Трето, ужасен тајминг. Идејата на Гугл е технологија која ти дозволува скришно да откриваш лични детали за луѓето со кои седиш на ручек, во време кога хакери ги крадат личните податоци од интернет, а владите ги следат сите ваши комуникации и движење. И без ова, Гугл веќе е осомничен дека знае премногу за своите корисници.
Четврто, цената. Минатата недела имаше распродажба на Гугл Глас. Тука цената му беше 1.500 долари за еден пар. Со цело почитување за револуционерната технологија што ја има во очилата и парите кои се вложени во нејзиниот развој, "денешниот потрошувач не би платил повеќе од 300 долари за очила, освен ако тие буквално не ти овозможуваат рендгенски поглед и претходно не ги носела Бјонсе."
Пето, погрешен пазар. Гугл Глас би бил сериозна алатка за користење во некоја професија, за секој што управува со камион, воз, такси, брод или авион, и на кој му требаат низа податоци за подобро и посигурно да може да ја заврши својата работа. "Гугл требаше да го однесе овој производ на ниш пазарите и да работи со секоја индустрија посебно за да ги адаптира за нив. За возврат, јавноста ќе беше заинтересирана за оваа важна и сериозна алатка. Истата немаше да биде исмевана ако ја покажеа како важна бизнис апликација. Но и покрај ова ќе минеше долг пат додека да ја оправда цената од 1.500 долари за пар."
Шесто, никој не ги разбира. "Кога прашав што прави Гугл Глас, најголемиот број од луѓето не знаеа. Тие не можеа да идентификуваат практична примена на производот, а типичните објаснувања (насоки за возење или фотографии на команда) не задоволуваа. Ајподот пушташе музика. Мобилниот беше за телефонски разговори. Компјутерот правеше табели и зборови. Што прави Гугл Глас за да ја оправда цената и вниманието?" прашува Маркс.