Во 2017 година, кога Каталонија се подготвуваше за референдумот за независност, шпанската полиција уaпси 12-тмина битни каталонски политичари. На денот на гласањето кое имаше мал одзив но 90% од гласовите беа за независност, полицијата упаѓаше во избирачките места притоа тепајќи и повредувајќи стотици граѓани. Оттогаш, лидерите на двиењето за независност, некои од нив распрскани во егзил по Европа, меѓусебе комиуницираат исклучиво преку платформи со криптирани пораки.
Досега недвосмислено е потврдено дека најмалку 60 телефони на каталонски политичари, правници и активисти во Шпанија биле инфицирани со шпионскиот софтвер Пегасус зад кој стои израелската групација НСО. Пегасус лесно и неосетно се инсталира на нечиј телефон, способен е да ги екстрахира сите податоци од него (пораки, слики, видеа) и може самостојно да активира камера и микрофон на телефонот, за да слуша и снима разговори и состаноци.
Каталонскиот е најголемиот досега откриен кластер на инфицирани телефони но далеку од тоа дека е единствен. Форензични истражувања на Амнести и Граѓанската лабораторија од Торонто утврдиле стотици примери кога Пегасус е користен за физичко насилство. Со софтверот биле таргетирани членови на руандската опозиција, новинари кои обелоденувале корупција во Ел Салвадор, во Мексико биле шпионирани телефони на луѓе блиски до убиениот новинар Хавиер Карденас кој ја истражуваше работата на картелите, истиот Пегасус е најден во телефоните на соработници на Кашоги кој беше убиен со благослов од саудискиот принц Мохамед бин Салман....
Oвој вид шпионажа е бизнис вреден 12 милијарди долари а делува во нерегулирана средина. Се проценува дека овој софтвер го користат најмалку 45 држави а тој или слични на него се набавувани од агенции и служби од САД и Европа. Германија, Полска и Унгарија имаат признато дека го користат Пегасус. Израелците практично имаат монопол во Европа за прислушување.
ЦИА и НСА имаат свои технологии за следење но други американски владини агенции, вклучувајќи и воени, набавуваат спајвер од приватни компании. ФБИ призна дека го тестираше Пегасус во 2019 година но тврди дека не е ставен во функција. Ако не за себе, Американците го купуваат Пегасус за пријателски влади во странство, како што беше случајот со Џибути.
„Големата, валкана тајна е дека ова го купуваат не само авторитарни влади туку секакви влади,“ вели Кристин Флин Голдвин од Микрософт.
Пазарната вредност на израелската компанија НСО изнесува преку една милијарда долари.
Едно од најзвучните озвучувања со Пегасус беше мрежата на Даунинг стрит број 10 и канцеларијата на Борис Џонсон, пишува Ронан Фарои (синот на Вуди Ален и Миа Фароу) во Њујоркер. Се претпоставува дека зад хакнувањето на Британците стојат Обединетите арапски емирати.