Договор за невработување

Гугл, Адоуб, Пиксар, Интел и Епл, се дел од компаниите кои завршија пред суд заради тоа што целата измината деценија имале договор меѓусебно да не си крадат вработени и да не ги вработуваат поранешни вработени во некоја од компаниите.

Група сегашни и поранешни вработени во Силициумската долина покренаа групна тужба против повеќе компании, кои ги обвинуваат дека имале "џентлменски договор" за невработување на луѓе од конкуренцијата со што ги прекршиле законите за работа.

Во сведочењето од август минатата година, поранешниот ЦЕО на Палм, Едвард Кулиган, изјавил дека во 2007-ма добил телефонски повик од Стив Џобс, кој "изразил загриженост" за тоа што Палм почнал да најмува вработени на Епл:

"Џобс предложи договор меѓу Палм и Епл, кој би ја спречи оваа пракса." Тој исто така споменал и дека "ако Палм не се согласи на таков договор, Палм би можел да се соочи со тужби за наводно прекршување на голем број од патентите на Епл." Подоцна Кулиган на ова одговорил во меил, во кој порачал дека кој бил таков договор би бил нелегален, како и тоа дека и Палм имал патенти за кои би можел да го тужи Епл. На ова Џобс одговорил: "Сигурен сум дека ја сфаќаш асиметријата на финансиските ресурси на двете компании, кога велиш дека: 'И двајцата ќе завршиме плаќајќи им многу пари на многу адвокати.'"

Освен со Палм, Џобс имал слична преписка и со првиот човек на Гугл, во која побарал Гугл да престане со "немилосрдното регрутирање" на луѓе од Ајпод групацијата на Епл.

HR одделите на големите компании имале цели упатства и листи за тоа од каде се можеле да ангажираат нови луѓе, и кои луѓе од кои компании смееле да ги контактираат.

 

24 јануари 2013 - 10:33