Ова се случило додека тимот на Телеграм бил на 1-неделна посета на САД, а освен на двајцата програмери му било пристапено и на Павел Дуров, основачот на компанијата, од страна на ФБИ со идентична понуда.
Ова Дуров го објавува на Твитер, како дополнување на еден свој претходен твит дека развивањето на енкрипцијата што ја користат нивните конкуренти од Сигнал е финансирано од американската влада, порачувајќи "предвидувам дека 5 години од денес ќе биде откриено дека таму (во енкрипцијата на Сигнал) имало задна врата."
Дуров посебно нагласува дека обидот за поткупување на неговите луѓе и притисокот врз него се случуваат за време на само 7-дневен престој во САД: "би било наивно да помислиш дека можеш да водиш независна / безбедна крипто апликација базирана во САД".
32-годишниот Дуров е познат како основач на руската социјална мрежа ВК. По неколку судири со руските власти тој во 2014 е сменет од позицијата ЦЕО на ВК, по што решава целосно да ја напушти земјата "и никогаш повеќе да не се враќа". Судирот беше околу неисполнување на барањето на руските власти да предаде лични информации поврзани со демонстранти од протестите во Киев и да ја блокира страната на Навални на ВК.
По напуштање на Русија тој добива државјанство од Сент Китс и Невис, откако донираше 250.000 долари за тамошната Фондација за диверзификација на шеќерната индустрија. Се претпоставува дека Дуров има околу 300 милиони долари готовина во швајцарските банки. Од овие пари тој почнува да ја финансира изработката на апликацијата Телеграм, која се појави на пазарот во 2013 а денес има околу 40 милиони корисници.