Во ноември 2021-ва, цената на акциите на Тесла беше 414 долари, но оттогаш се урниса за 70%. За само 13 месеци тие паднаа на само 123,15 долари. Компанијата изгуби две третини од вредноста во момент кога конкуренцијата напредува и граба од нивниот доминантен удел на пазарот за електрични возила. Годишниот пад од 69% ќе значи најлош годишен учинок за компанијата уште од излегувањето на берзата.
Акционерите во Тесла се загрижени околу тоа што Маск „се рассеа“ наоколу, што како сопственик, што како ЦЕО на повеќе компании. Пред сè му забележуваат на енергијата што ја троши на Твитер; големиот пад на акциите почна токму од моментот кога ја купи платформата.
Најголем дел од богатството на Маск е врзано со акции во Тесла, а тој само минатата недела продаде 2,58 милијарди долари од својот удел, што го носи на вкупно продадени 23 милијарди од денот кога го презема Твитер. Стотина милијарди долари се збришани од неговото салдо а тој повеќе не е најбогатиот човек на светот. Значителен дел од изгубените средства отидоа токму во финансирање на трансакцијата вредна 44 милијарди долари.
Работата со Твитер никако да тргне, а неодамна најави и повлекување од извршната функција, откако така му рече анкетата што сам ја спроведе на таа тема (види: Маск се повлекува, ама, условно). Заради долгот од 13 милијарди долари што го наследи при купување, за камата му одат 1 милијарда годишно.
Инаку: во неговата SpaceX работите се под контрола, компанијата зад себе има успешна година, иако и таму има незадоволство. Стартапот на Маск што треба да го забрза сообраќајот во големите американски градови со подземни тунели, годинава стигна да заврши само еден тунел во Лас Вегас, а Неуралинк, која развива технологија за вградување директно во черепот, уште е во фаза на објавување видеа кои уверуваат дека големите откритија се на повидок.
Пред да пуштиме солза, да се потсетиме дека богатството на Маск се проценува на околу 200 милијарди долари, што го позиционира во самиот врв на глобалната плутократија.