За да се оствари сонот на Трамп (и пророштвото од Враќање во иднината), на бизнисменот во основа му требаат 270 електорски гласови. Ова математика посебно му оди во корист на Трамп, бидејќи тој моментално има подобар рејтинг меѓу електорите, отколку Меккејн во 2008-ма и Ромни во 2012-та.
Под претпоставка дека Хилари Клинтон ќе биде демократскиот кандидат, нејзе ќе и биде многу потешко да ги освои Индијана, Северна Каролина, Мисури и Монтана (во кои Обама победи во 2008-ма), доколку нејзин противкандидат е Доналд Трамп. Во исто време, Колорадо и Вирџинија и понатаму остануваат неопределени.
Математиката покажува дека Трамп ќе ги освои сите сојузни држави каде што победија Ромни и Меккејн. Ако ова се оствари Трамп ќе има 206 гласови. На него (и на Хилари) му остануваат 55 гласа во недоредените Пенсилванија, Колорадо, Невада, Висконсин, Ајова и Њу Хемпшир. Процените се дека во нив Трамп има многу поголема веројатност да ја порази Хилари, отколку кој било друг републикански кандидат.
"Ова значи дека изборите се сведуваат на Охајо и Флорида, двете сојузни држави во кои Трамп има значителна предност. Во Флорида (29 електорски гласови), тој е речиси израмнет на анкетите со Хилари. Флорида има голема латино популација, од која голем дел можеби е гневна на анти-мексиканските коментари на Трамп. Меѓутоа, Флорида има и голем број на гласачи евангелисти (група кај која Трамп има невиден успех)... Плус моментално има републиканец гувернер и републиканско мнозинство во двата законодавни дома," пишува Дејвид Бурстејн во Ванити Феир.
Во Охајо (18 електорски гласови) Трамп има слична ситуација. И тука Трамп е изедначен со Хилари, и се соочува со гласачи кои под влијание на синдикатите се наклонети кон демократите. Бурстејн проценува дека влијанието на синдикатите слабее, додека Трамп очигледно освојува симпатии кај "Реган демократите."
Она што е најголема мистерија околу Трамп во досегашната кампања, е како тој успева да избегне да биде обележан и напаѓан заради неговото богатство, нешто кое никако не му успеа на Мит Ромни и покрај тоа што тој има далеку помалку пари од њујоршкиот бизнисмен.
Бурстејн потсетува дека Трамп има две тајни оружја кои до сега не ги употребил:
1. Тој е милијардер и има капацитет да ја финансира сопствената кампања со милиони долари. Трамп до сега многу евтино ја минува кампањата, трошејќи само 400.000 долари од свои пари за маици и капи, "ама кога и ако затреба да троши, посебно ако води и победува, многу е веројатно дека ќе го стори тоа."
2. Трамп располага со досега потценет капацитет да мобилизира голема маса на гласачи. Нешто кое е карактеристично за ѕвездите кои одлучиле да се кандидираат за некоја функција: Роналд Реган, Арнолд Шварценегер, Џеси Вентура, Ал Франкен, Сони Боно.
"Иако не предвидувам дека Доналд Трамп ќе победи на претседателските избори, време е да се помириме дека Претседател Трамп не само што не е неверојатно, туку е и многу возможно," пишува Бурстејн.