Зошто нема биографии за Си Џинпинг?

Колку што е Кина неподнослива за класифицирање „држава што има и гулаг и Гап“, толку и нејзиниот лидер е нејаснотија „ем ја враќа земјата назад, ем изгледа како поборник на слободна трговија кој може да ја воодушеви публиката во Давос“. И додека Западот нема некоја прецизна претстава за Кина, за нејзиниот лидер нема па воопшто никаква.

Има денови кога кинескиот лидер заличува на Горбачов, по основа на својата желба да ја реформира огромната бирократска машинерија што ја придвижува Кина. Но има денови и кога неговите директни одлуки многу повеќе потсетуваат на Путин, па и Ким Џонг Ун, во однос на бришење на границата на бројот на мандати и развивање на култ на личноста.

„Споредбите се несовршени - Си очигледно не е како кој било претходен кинески лидер, ниту како кој било што сега е на власт каде и да е. Сепак споредувајќи ги неговите сличности со другите силеџии и автократи, станав опседнат со еден специфичен начин на кој тој се разликува: непостоењето на биографија на англиски јазик со опширен и детален увид во неговиот живот,“ пишува Џефри Васерстром во текстот за Атлантик.

Тој посочува дека во која било добро снабдена книжарница во САД можеш да најдеш повеќе биографии за Путин, една за Ким објавена во 2019 и втора во 2020, па дури и за Дутерте и Орбан, како примероци на лидери што тој ги води како иста сорта.

Иако дополнува дека секако дека има книги за Си, тие не се ни приближно детални, внимателни и содржајни биографии како оние за погоре споменатите лидери. Тоа што е достапно, Васерстром го дели на три категории: хагиографии, во кои Си е опишан како светец, и главно се за кинеската публика; книги базирани на гласини и лабилни извори, кои не смеат да се продаваат во Кина; и дела на разни јазици за Си кои не се посветени на детално опишување на животот на кинескиот лидер.

Дел од објаснувањето за дефицитот е што нема кредибилни извори кои ем го знаат Си, ем се подготвени отворено да зборуваат за него, што пак се должи на општото немање пристап до кинескиот лидер. Стивен Ли Мајерс кој ја покрива Кина за Њујорк тајмс и има напишано биографија за Путин, објаснува дека иако рускиот претседател е крајно претпазлив и се штити од странските медиуми тој сепак редовно се среќава со новинари и опширно одговара на нивните прашања. За разлика од него, Си „речиси никогаш не седнува да одговара на прашања, дури ни на пријателските“.

Друга причина е што пред доаѓањето на власт „главна карактеристика на Си беше неговата претпазливост“, а на ова се надополнува и стравот на авторите дека ако напишат нешто критичко за Си во иднина нема да можат да и припарат на Кина.

Вака составената реалност му дава предност на Си во справувањето со своите колеги низ светот, кои имаат многу помало разбирање за него отколку за неговите претходници и останатите лидери.

Немањето информации за него исто така многу го олесни ширењето митови за време на неговото доаѓање на власт, од типот дека тој е политички реформатор, како син на „либерално наклонетиот советник на Денг Сјаопинг“, и дека е израснат во времето на Мао, што помогна да се затскрие високиот статус на неговиот татко и тоа дека Си може да се смета за дел од поставата „принцови“ кои ги наследија своите претходници револуционери.

1 февруари 2021 - 12:04