
Во барање научни докази што би ја поткрепило закрепнувачкото дејство на супата при акутни инфекции на респираторниот тракт, како обичната настинка, грипот, дури и ковид-19, биле анализирани повеќе од 10.000 трудови. Издвоени биле четири висококвалитетни студии во кои учествувале 342 лица. Тестирани биле различни видови супи, вклучувајќи традиционална пилешка супа, јачменова и од мешавини од билки од зеленчук.
Една од студиите покажала дека на болните луѓе што јаделе супа симптомите им поминале просечно до 2,5 дена побрзо. Поблаго биле изразени тегобите како затнат нос, болки во грлото и замор.
На понаучно ниво, кај некои учесници биле регистрирани намалени нивоа на маркери поврзани со воспаление: супстанции во крвта што се креваат кога имунолошкиот систем се бори против инфекција. Пониски биле нивоата на протеините IL-6 и TNF-α поврзани со воспаленија.
Заклучокот е дека супата може да помогне во смирување на хиперактивниот имунолошки одговор, потенцијално правејќи ги симптомите помалку сериозни и закрепнувањето поудобно.
Има многу причини зошто супата помага. Таа е топла, богата со хранливи материи и го хидрира организмот. Состојките како лук, кромид, ѓумбир и лиснат зеленчук имаат антиинфламаторни, антимикробни и имунолошки својства. Топлината може да помогне и во разредувањето на слузта и смирување на болките во грлото.
Постои и силен културен и бихејвиорален аспект на грижата за себе базирана на храна: кога луѓето ја користат храната не само за за задоволат глад, туку намерно за справување со болести. Особено родителите на своите болни деца прво им помагаат со традиционални лекови, како супа, уште пред да побараат стручен медицински совет, објаснува авторката на истражувањето, Сандра Лукас.
Супата не е замена за лекови. Но, заедно со одмор, течности и парацетамол, таа ги ублажува симптомите и им помага на луѓето. Достапна е, лесна е за подготовка и безбедна е за повеќето луѓе. Идните студии би можеле да испитаат стандардизирани рецепти за супи и кои комбинации на хранливи материи или билки функционираат најдобро.