
Земјата со децении е во ексклузивно друштво со држави како Авганистан и Сомалија, меѓутоа за разлика од овие две очајот во Хаити се случува во непосредна близина на најбогатата и најмоќна држава на светот - САД.
Хаити првично е француска колонија за робови која добива независност во 1804, а подоцна минува и 2 децении диктатура кои завршуваат во 1986, за по земјотресот во 2010 напливот на странска помош и мировници само да ги влоши проблемите и нестабилноста на земјата.
За овие десетина години меѓународната заедница внесува 13 милијарди долари во Хаити меѓутоа тие пари не успеваат ни најмалку да помогнат во градењето на државата, туку, напротив, само дополнително ги разјадоа институциите.
„Хаити не е толку пропадната држава колку што е 'хуманитарна држава' - која егзистира потпирајќи се на милијардите долари меѓународна помош. Странските влади не се подготвени да ги секнат парите, не сакајќи да дозволат Хаити да пропадне.
Меѓутоа парите даваат комплицирана помош - оставајќи ја владата со многу малку причини да спроведе институционални реформи неопходни за реизградба на државата, бидејќи се клади дека секој пат кога ситуацијата ќе се влоши меѓународните влади ќе ги отворат куферите.
Помошта колку толку ја спаси државата и нејзините лидери, обезбедувајќи основни услуги и производи во земја која очајно има потреба од обемни количини хуманитарна помош. Меѓутоа исто така дозволи корупцијата, насилството и политичката парализа да минат неказнети,“ пишува Марија Аби-Хабиб во текстот за Њујорк тајмс.
Иако го негираат, политичарите на Хаити, вклучително и владата, традиционално се потпираат на банди за да ги свртат изборите во своја корист. Во последните три години од мандатот на Моиз повеќе од десетина масакри извршени од банди беа поврзани со владата и полицијата. Во овие масакри беа убиени над 400 луѓе, во анти-владините населби, а околу 1,5 милиони беа раселени и никој не одговара за тоа.
Секој пат кога ќе се случи вакво нешто, САД реагираат со некаква опомена до властите и таму сè се завршува, без никакво влијание барем на парите што земјата им го донира.
Кога во 2016 Моиз беше избран за претседател на земјата со само околу 600.000 гласови од 11 милиони жители, и излезност од 18%, САД му даде поддршка и покрај обвиненијата за изборни измами. САД застана зад него и во 2019 откако на владата и исчезнаа милиони долари во хуманитарна помош.
Аби-Хабиб потсетува дека односот на САД и светот кон Хаити не е ни приближно шокантен, ако се има предвид дека истите овие играчи од 2001 имаат донирано над 2.000 милијарди долари во Авганистан, и не успеаа да изградат ни делче од потребната државотворност за власта да не се распадне по нивното заминување.
„Вежбите за државотворност што САД и неговите партнери ги спроведуваат во Хаити и низ светот многу малку помогнаа во создавање на функционални држави, а наместо тоа креираа систем во кој се поддржуваат сомнителни ликови со многу мала поддршка од нацијата - како Моиз - како најлесен начин за постигнување краткорочна стабилност,“ пишува Аби-Хабиб.