Предлог-законот од германската покраина Хесен треба да биде претставен до Бундесратот (Советот на покраините) на 8 мај, токму на 81-годишнината од падот на нацистичкиот режим во Германија. Негирањето на правото на постоење на Израел би било кривично дело низ целата земја. Оние што ќе бидат осудени за ова дело би можеле да се соочат со парична казна, но и со пет години затвор.
Поводот за иницијативата е терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, а целта е да се запре антисемитизмот во Германија.
Седми октомври промени толку многу. Тоа беше ден на болка и ужас, но и ден на предупредување. По него, на улиците има нов бран на антисемитизам. Неподносливо е да се извикуваат слогани за кои никогаш не сме помислиле дека повторно ќе бидат изговорени на германските улици, изјави покраинскиот премиер Борис Рајн.
Тој истакна дека бројот на антисемитски инциденти во Германија се зголемил од 1.957 во 2020 година на 8.627 во 2024 година, според евиденцијата на Истражувачкиот институт за антисемитизам (RIAS).
Негирањето на правото на постоење на Израел не е експлицитно дефинирано како кривично дело во Германија, но некои судови го толкуваат преку други законски одредби, како забраната за поттикнување на омраза.

Предложениот закон не дава прецизна дефиниција кои слогани би биле казниви и тоа прашање им го остава на судовите. Регионалниот министер за правда Кристијан Хајнц смета дека во таа категорија спаѓа и слоганот „Од реката до морето“, кој често се извикува на пропалестинските демонстрации.
Постојат јасни примери, на пример ако се прецрта израелското знаме или се фрли во ѓубре. За мене, јасен аргумент би било и ако се повикува областа помеѓу реката Јордан и Средоземно Море да биде резервирана само за Арапи и Палестинци, а не за Евреи, изјави министерот.
Критичари, дури и еврејски организации, предупредуваат дека законот ќе доведе до несигурност во општеството, ќе ја загрози слободата на изразување, а може да придонесе и за пораст на антисемитизмот.
Тешко може да се повлече граница помеѓу легитимното изразување на мислење и повик на омраза. На пример, ултраортодоксни Евреи би можеле да го негираат постоењето на Државата Израел од теолошки причини, бидејќи православните Евреи велат дека треба да останат во егзил додека не дојде еврејскиот Месија. Дали и тоа треба да биде казниво? вели Мерон Мендел, директор на Образовниот центар „Ана Франк“ во Франкфурт.
******
Види и: Калифорнија воведува цензура за да се бори против антисемитизмот