Калифорнија воведува цензура за да се бори против антисемитизмот

По нападот на Хамас врз Израел пред две години, еврејските конгресмени во Калифорнија си поставија приоритет да се борат против антисемитизмот и составија список на фрази и идеи што не смее да се спомнат во училниците. Но, дури и автори што ги поврзуваат антиционизмот со омразата против Евреите се согласуваат дека забраната за слободата на изразувањето прави поголема штета.

По неколкумесечни и жестоки политички расправи, гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом го потпиша контроверзниот Закон 715, со кој се воведуваат ограничувања во изразувањето во училиштата за да се спречи антисемитизам. Еврејското лоби тврди дека законот ќе ги заштити еврејските ученици од малтретирање и дискриминација, понекогаш и од наставниците.

Според извештај на државното Министерство за правда, двојно биле зголемени инцидентите со антисемитизам во училиштата во периодот од 2021 до 2024 година. Лани повеќе од 15% од сите случаи на „злосторства од омраза“ биле насочени против Евреи, иако тие сочинуваат 3% од населението на државата.

Текстот на законот беше менуван многу пати поради бурната дебата дали за антисемитски се сметаат „директното или индиректно негирање на правото на Израел да постои како држава“ или „изедначувањето на Израелците со нацистите“. Мејнстрим еврејските групи тврдат дека антиционизмот - односно противењето на идејата за држава со еврејско мнозинство, е антисемитски. Сепак, многу еврејски академици мислат дека тоа не е антисемитско само по себе.

На првичната верзија од законот се противеа училишни одбори, синдикати на наставници, активисти за граѓански права и организации на муслиманската заедница, кои се плашеа од ограничување на академската слобода и од замолкнување на пропалестинските гласови. Тие го повикаа Њусом со вето да го блокира законот. 

Овој закон само ги зајакнува пошироките национални трендови на замолчување на уставно заштитениот говор, бришење на историски релевантната наставна програма и прогонување на секој што изразува дури и најмало противење на федералната администрација, предупреди демократскиот пратеник Роберт Гарсија.

Дури и Кенет Стерн, автор на контроверзна дефиниција на антиционизмот како форма на антисемитизам, е против нејзиното користење во училиштата. Тој тврди дека тоа би можело да ја загрози академската слобода и да поттикне цензура на дискусии за контроверзни теми.

И покрај сите ревизии и разводнувања, конечната верзија на законот веројатно ќе го влоши антисемитизмот, оцени Стерн.

Габриел Кан, еврејски наставник во Оукленд, е под истрага од окружните власти откако ја оспорил содржината на антисемитската настава. Тој тврди дека го гонат затоа што ја истакнал потребата да се прави прави разлика помеѓу антисемитизмот и критиката кон Израел.

Она од што најмногу се плашам е дека во демократската држава Калифорнија воведуваме закон за цензура што имплицитно ќе заштити странска нација од критики. Што кажува тоа за иднината на академската слобода во нашата земја, вели наставникот.

16 октомври 2025 - 14:10