За разлика од намуртените револуционери кои сме навикнале да ги гледаме, целите збрчкани од товарот на подвигот што го прават (Ленин, Че, Мао, Фидел), денешните револуционери се повеќе го избегнуваат гневот и насилството, а наместо нив се служат со хумор и сатира.
Низ цела Северна Африка и Блискиот исток, Арапската пролет започнуваше со ненасилни демонстранти кои носеа најразлични сатирични пароли, карикатури или графити, плус ги користеа интернет сервисите за дополнително исмејување на власта и нејзините грешки. Деновиве посебно актуелен е случајот на затворањето на египетскиот комичар Басем Јусеф, заради исмејување ма претседателот на Египет.
Слична стратегија имаше и движењето Окупирај го Вол Стрит, како и демонстрантите од анти-капиталистичките движења во Шпанија и критичари на Путин во Русија кои користеа се од кондоми до ментални болници и Лего играчки за да го исмејуваат претседателот.
"Причината зошто хуморот навлезе во арсеналот на демонстрантите во 21-от век е што тој: функционира. Прво хуморот го уништува стравот и гради самодоверба. Тој исто така го додава и неопходниот фактор на интересно, кој им помага на движењата да привлечат нови членови. На крај, хуморот изнудува трапави реакции на противниците на движењето. Најдобрите примери ги присилуваат нивните противници на сценарија во кои не можат да победат, поткопувајќи го кредибилитетот на режимот, без разлика како тој ќе одговори. Овие потези ја минуваат фазата на шеги, и помагаат да кородира самата срж која го одржува кое било диктаторство: стравот."
Како пример за ова е Египет. Мубарак со децении ја блокираше опозицијата користејќи ја моќта што ја имаше (апсења, убиства...). Мубарак живееше со помош на страв и имаше основа зошто да верува дека може да го искористи стравот за да ги замолчи протестите кои беа инспирирани од револуцијата во Тунис на почетокот од 2011. Уште од старт ги набеди демонстрантите дека работат за "странски агенди." Меѓутоа наместо да ја прифатат играта на Мубарак, тие почнаа да ја користат неговата култура на страв против него. На почетокот, активистите почнаа да се собираат на плоштадот Тахрир носејќи обични тетратки и порачувајќи дека "дома ги оставиле странските агенди." Нивниот отпор, наскоро се рашири и надвор од плоштадот, пред се благодарејќи на новите медиуми, каде што повторно преовладуваше хуморот.
Токму хуморот стана централен дел на анти-Мубарак стратегијата, служејќи две основни цели.
Прво, со паметни забелешки, карикатури и перформанси, активистите направија да биде "кул" да излезеш на Тахрир и да бидеш политички активен. Секој ден, се поголеми толпи се собираа на протестите, кои не само што сакаа да го срушат Мубарак, туку сакаа и да бидат дел од "експлозијата на хумор" која се случуваше низ земјата. Тие сфатија дека хуморот е лесен начин за активирање на обичниот граѓанин кој не сака да биде политички активен, но на кој му е досадено од диктатурата. Направи протестите да бидат забавни и луѓето нема да ги пропуштат.
Второ, хуморот и итрината, го потсетија светот дека демонстрантите во Египет не се само "гневни млади луѓе" и опасни радикали, како што беа прикажани од режимот. Хуморот успешно пренесе позитивна слика на египетската револуција и ја освои симпатијата на меѓународната заедница.
"Користејќи го хуморот, активистите ги соочуваат автократите со дилема: владата може да изврши притисок и да ги здроби оние кои ја исмеваат, и притоа да изгледа уште посмешна. Или да ја игнорира сатирата насочена против неа и да ризикува со тек на време се повеќе луѓе да им се приклучат на активистите," објаснуваат во својот текст двајца од основачите на Отпор, Срѓа Поповиќ и Младен Јоксиќ.
Од друга страна, Џон Стујарт во неодамнешната одбрана на Басем Јусеф, му порача на египетскиот претседател Морси дека - тој на располагање има армија, моќ и власт, додека Јусеф има само хумор и сатира, нешто што само по себе никогаш не помогнало да се промени што било.