Злосторник од Руанда чувал пчели на Лонг Ајленд

Водач на вооружена група што учествувала во колежот во Руанда повеќе од две децении се криел во ексклузивна заедница на Лонд Ајленд, каде што чувал пчели и средувал градини на богати имоти. Може да добие 30 години затвор за лажно сведочење за натурализација во САД. И тоа е поблага казна од доживотниот затвор што му го изрече Специјалниот суд за геноцид во Руанда.

Шеесет и петгодишниот Фаустин Нсабумукунзи од Руанда нема да дочека да стане државјанин на САД. Уапсен е пред една недела во неговиот дом во Бриџхемптон на Лонд Ајленд, под обвинение дека наведувал лажни податоци во апликациите за виза, за зелена карта и за американско државјанство.

Пред суд се изјаснил дека е невин. Одреден му е домашен притвор и ќе може и понатаму да работи на одржување градини, откако неговата компанија ја платила кауцијата од 250.000 долари како гаранција дека нема да избега.

Овој навидум вообичаен случај на нелегален мигрант во САД има ужасна историја откако обвинителите откриле што точно Фаустин криел за своето минато.

Специјалниот суд за геноцидот во Руанда во отсуство го осудил Нсабумукунзи на доживотен затвор поради воени злосторства. Како водач на вооружена група на Хутите бил одговорен за поставување барикади, за силувања и убиства на етничките Тутси што се засолниле Кибиризи. 

Во Руанда во период од три месеци, од април до јули 1994 година, беа масакрирани околу 800.000 етнички Тутси и умерени Хути.

Фаустин се преселил во САД во 2003 година, добил зелен картон во 2007 година и поднесол апликации за државјанство во 2009 и во 2015 година. Сите сега се поништени. Ако биде прогласен за виновен за лажно сведочење му се заканува максимална казна од 30 години затвор.

Повеќе од две децении тој се извлекуваше со лаги и живееше во САД со незаслужена дозвола, луксуз што неговите жртви никогаш нема да го имаат. Тој конечно ќе одговара за своите брутални постапки, изјави федералниот обвинител Џон Дурам.

29 април 2025 - 13:06