Зеленски нејќе преговори, Бајден му праќа 625 милиони долари оружје

Еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден побара дополнување на американските воени резерви на оружје и муниција, истиот реши резервите дополнително да ги подиспразни. Ако се полни, да се полни како што треба.

САД на Украина ѝ испраќа пакет воена помош во вредност од 625 милиони долари од своите резерви.

Пентагон дополни дека последната пратка вклучува и четири комплети ХИМАРС (High Mobility Artillery Rocket systems), системи на кои им се припишуваат последните успеси на украинската армија на линиите на фронтот.

Има во пратката сешто; ховицер топови, прецизно водени ракети, анти-оклопни мински системи на далечинско, 200 оклопни возила, огромна количина секаква муниција...

Ова е 22-ра американска пратка за Украина одобрена со специјален претседателски указ од август минатата година. Во фискалната 2022 (која започна во октомври 2021), Бајден има потпишано и пратено осум милијарди долари оружје и муниција за Украина.

Тоа не е единствениот канал; дополнителни 1,1 милијарди долари се префрлени преку една иницијатива за асисистирање на украинската безбедност.

Сето ова го објаснува воинствениот оптимизам на украинскиот претседател Зеленски кој отфрли можност за мировни преговори со Москва, убеден дека е само прашање на ден кога окупаторот ќе биде исфрлен од украинската територија.

6 октомври 2022 - 18:42