Украинскиот претседател издаде декрет за отпуштање на неколку високи офицери на Националната гарда.
Највисокиот по ранг и функција што заминува е заменик-началникот на Националната гарда, генерал-полковник Володимир Кондратјук. Сечата зафати и уште тројца генерали.
Засега не се познати причините за смените во врвот на Националната гарда. Тоа е е паравоена организација која системски припаѓа на украинското Министерство за внатрешни работи и е одговорна за безбедноста на границите и заштитата на внатрешната безбедност. Но, од почетокот на руската војна во Украина, Националната гарда се бори и на линиите на фронтот.
Зеленски информираше дека на последниот состанок на Генералштабот, биле разгледани сериозни прашања за мобилизација, демобилизација и ротација на војниците за што конкретен план треба да биде претставен следната недела.
Дилемата е дали оние кои ќе го отслужат своето треба да бидат пуштени дома или пак, поради проблемите со мобилизацијата, да им се продолжи службата.
Руската противвоздушна одбрана собори 13 украински беспилотни летала над полуостровот Крим, објави во петокот руското министерство за одбрана. Уште три беспилотни летала биле соборени над Волгоград.