
Помеѓу 41% и 55% од испитаниците во петте најголеми европски земји – Германија, Франција, Британија, Италија и Шпанија сметаат дека е „многу“ или „прилично“ веројатна нова светска војна во следните пет до 10 години, став што го делат 45% од Американците.
Мнозинство од 68% до 76% се убедени дека во следниот глобален конфликт ќе биде употребено и нуклеарно оружје, а нешто помал процент сметаат дека би загинале повеќе од 75 милиони луѓе, колку што однесе Втората светска војна. Многумина (25% до 44%) веруваа дека тоа ќе ги убие повеќето луѓе во светот.
Повеќето луѓе, од 66% во Италија до 89% во Британија, веруваат дека нивните земји ќе бидат вклучени во третата светска војна, но само 16% во Германија до 44% во Франција се убедени дека нивните вооружени сили ќе можат да ги одбранат. Спротивно на тоа, дури 71% од Американците изразиле доверба во нивната војска.
Како најверојатен противник на Западот во Третата светска војна, најчесто била спомнувана Русија (меѓу 69% и 82%), а закана број два е исламскиот тероризам.
Осврнувајќи се на настаните од пред 80 години, огромно мнозинство истакнале дека е важно настаните од Втората светска војна да се предаваат во училиштата, бидејќи настаните што доведоа до конфликтот сè уште се актуелни и денес. Помеѓу 31% (Шпанија) и 52% (САД) одговориле дека е можно во своите земји да доживеат „злосторства како оние што ги изврши нацистичкиот режим во Германија пред Втората светска војна“.
На прашањето кој направил најмногу за да ги порази нацистите, 40% до 52% во петте земји во истражувањето одговориле САД, а 17% до 28% Советскиот Сојуз.
Кога станува збор за тоа кој направил најмногу за да се зачува мирот кога заврши Втората светска војна, мнозинството (52% до 66%) одговориле НАТО. Обединетите нации се главен фактор за мирот за 44% до 60% од испитаниците, а помеѓу 45% и 56% ја посочиле Европската Унија, во која се здружија поранешните непријатели.
Речиси половина од испитаниците во Германија мислат дека нивната земја била „претерано свесна за своето нацистичко минато“, што ја спречило да дејствува доволно силно кога се соочува со новите проблеми.