
Поранешниот уругвајски претседател Хозе Мухика почина на возраст од 89 години, по долга битка со канцер.
Ќе ни недостигаш многу, драг старецу. Ти благодариме за сè што ни даде и за својата длабока љубов кон твојот народ, објави неговиот политички наследник, претседателот Јаманду Орси.
Мухика стана познат далеку од Уругвај, мала земја со 3,5 милиони жители, откако се откажа од претседателската палата во Монтевидео за да живее во мала фарма каде што возеше стара Фолксваген Буба и отстапи 90% од својата плата на сиромашните.
(Види: Ако веќе зборуваме за лидери...)
Мухика отскокна од шаблонот на корумпирани левичарски лидери во Латинска Америка. Тој спроведе светски прогресивни реформи и уште во 2013 година прв ја легализираше марихуаната. Уругвај стана модел за демократија во Латинска Америка и во светот. Не им се одмаздуваше на противниците што го затворија и го измачуваа повеќе од една деценија.
Како еден од лидерите на урбаната левичарска герилска група Тупамарос, Мухика во 1970 година бил ранет со шест куршуми и четири пати бил заробен. Два пати избегал од затвор. Зад решетки поминал повеќе од 13 години, голем дел во самица. Бил физички и психолошки измачуван. Подоцна раскажа дека халуцинирал и разговарал со мравки.
Денот кога бев пуштен на слобода ми е најсреќното сеќавање. Да се стане претседател е ништо во споредба со тоа, изјави Мухика.
Бил пратеник и сенатор, министер во првата левичарска влада, а во 2010 година бил избран на претседател. За време на неговиот мандат Уругвај бележел годишен економски раст од 5,4%, сиромаштијата била намалена и стапката на невработеност останала ниска. Го легализирал абортусот, а во 2013 година и марихуаната.
Светската популарност му била туѓа и неразумна.
Со што го привлеков светското внимание? Со тоа што живеам со многу мала, едноставна куќа? Со тоа што се возам со стар автомобил? Тоа значи дека светот полудел ако е изненаден од тоа што е нормално, изјави Мухика пред крајот на својот мандат.
Лекција од Мухика за младите: „Ништо не е повредно од животот! Борба за среќа!“