Економистот кој прашуваше до кога ќе се расте

Без голема медиумска помпа, почина стариот економист Херман Дели, кој ненаметливо одгледа нова генерација економисти на кои им е јасно дека постојаниот раст неминовно ќе влезе во судар со ограничените ресурси на оваа планета. Потсетуваше и дека драматичната нееднаквост води кон класен конфликт. 

Економистот Херман Дели своевремено беше неокласицистички апостол на економскиот развој, надевајќи се дека глобалниот развој на БДП ќе им помогне на најсиромашните држави во светот. Попат, искуството, аргументите и доказите го натерале да го смени мислењето и да стане таканаречен еколошки економист. 

Почина неодамна, на 84 години, и познавачи велат дека неговиот живот и смртта незаслужено минаа незабележано. Беше награден само со алтернативната Нобелова награда, беше економист во Светска банка, но тивко има брусено нова генерација економисти кои ја прифатија неговата идеја за „стабилна економија“ која наместо фетиш кон профитот има за цел максимизирање на човековата благосостојба. 

„Кога е ужасно нееднакво распоредена, приватната сопственост ја губи својата легитимност,“ велеше Дели, потсетувајќи дека богатите и сиромашните кои се разликуваат со фактор 500 имаат сосема поинакви интереси што во крајна линија може да заврши во отворен конфликт. 

Дели докажуваше дека „економијата на постојан пораст“ неминовно ќе дојде во колизија со ограничените природни ресурси. 

„Ако направите авион, се разбира дека тој мора да се движи за да не падне. Но, ако имате хеликоптер, со него ќе може да ја одржувате позицијата како колибри“ ја објаснуваше тој суштината на стабилната економија. 

Дели имаше прилично волунтаристички препораки како да се ублажи нееднаквоста, меѓутоа упорно потсетуваше на опасноста од класна војна. 

„До неа нема да дојде заради поправедно распоредување на богатството, туку заради лакомоста на елитите кои форсираат бескраен развој од кој само тие имаат ќар,“ зборуваше рахметли Дели. 

21 ноември 2022 - 14:20